Skip to content Skip to left sidebar Skip to footer

Преображение, Црква Света Петка

This event has ended

Секоја година за празникот Преображение, Галичани масовно одат да преспијат во дворот на црквата Св. Петка, која се наоѓа во шума на 5 км од селото. Се верува дека носи здравје радост и среќа во текот на целата година.

Преображение Господово е еден од оние осум големи Христови празници, кога, според народното предание, во зора почнуваат да се преобразуваат и гора и вода, најавувајќи ја идната есен. На Преображение се преобразува и листот и гората и каменот во водата, листовите почнуваат да жолтеат и да опаѓаат, а водата станува постудена па не е за капење. Кај луѓето на Преображение се случуваат промени-кој преку лето поцрнел, почнува да белее. На Преображение и небото , во глува доба три пати се преобразува. Кој тоа го види и на друг му каже, се верувало дека ќе го изгуби паметот. Според распространетото верување, на Преображение не е убаво преку ден да се спие, бидејќи кој тој ден поспие, ќе се преобрази, па цела година ќе биде дремлив и поспан. Не е добро овој ден да се плаче, ниту луѓето цел ден да го поминат во кафана – да не им помине во навика и да не станат безделничари и расипикуќи. Преображение спаѓа во христовиот пост на кој жените постеле, а овој ден е обичај, никој, без исклучок да не мрси. Понекогаш се постело и поради дивите зверови. Било обичај тој ден да се јадат риби и ракови. Во некои краеви на Преображение се берат лешници и преку целата година се чуваат за лек, кога некој ќе го заболи увото. Се верувало дека, кога на болен ќе му се дадат вакви лешници да ги изеде, тој оздравува. Во некои места било обичај на Преображение жеби и девојки да станат пред сонце и „малку да поработат од секоја женска работа“, бидејќи се верувало дека Бог ги преобрати (преобрази)нда бидат вредни, а после не работат ништо цел ден.

Според народното верување тогаш за првпат во годината се бере грозје и се носи во црквата каде што свештеникот по молитвата го благословува. Во краишта каде што нема грозје се осветуваат други плодови како јаболка, сливи и сл. Овој чин претставува и благодарност кон Господа за сите природни дарови на земјава. На Преображение во црквата се дава нафора и грозје. Тоа не е нафора во вистинската смисла на зборот, туку само благодарност кон Господа за плодовите.

Во народот постојат повеќе верувања поврзани со овој празник. Поради заладувањето на времето се верува дека на тој ден се преобразува природата. Лисјето на дрвјата почнуваат да венеат, а и водата станува студена поради што на Преображение луѓето за последен пат се бањаат во реките.

Марко Цепенков забележал дека до Преображение нефела да се јадит грозје дури не се пеит од попот и дури не раздаиш по комшии. Ова верување во врска со зајадувањето грозје во Скопје го запишал и К. Шапкарев: „До Преображение никој грозје не јаде како и во Охрид. Тогаш ќе однесат в црква и откако ќе го чита свештеникот со молитва слободно е за секого да јаде грозје“. И во Кумановско на овој ден првпат во годината се берело и јадело грозје. Рано наутро се одело во лозјето каде се береле неколку убави гроздови кои се носеле во црквата да се „очати“, а потоа се раздавало за да се роди повеќе. Во Гевлелиско, како што запишал Стефан Тановиќ, уште спроти празникот децата ги миеле кошниците, зашто било обичај секој да оди во своето лозје и да набере грозје. Вечерта спроти празникот жените оделе во црквата каде што носеле варена пченица и литургија, а утрото на самиот празник пак оделе во црквата и носеле варена пченица и грозје „поп да гу пеје“. И овде се верувало дека пред празникот не треба да се јаде грозје и друг емиш, зашто е греота, а по празникот откако ќе се отпее од свештеникот може да се јаде.

Со Преображение е поврзано и верувањето дека ноќта спроти празникот небото се отворало како на Богојавление, се јавувал Бог и на сите што будни ќе го пречекаат тој миг им ги исполнувал желбите. Кон неколкуте приказни што раскажуваат за случки поврзани со тоа верување, слушани од баба му Арса Стрезова, К. Шапкарев го запишал и следново верување: „Веруваат дека на Преображење Господне или ноќта спроти 6 август, а како што велат други спроти Водици, секоја година се отворало небото и тога се поклонвеле дрвјата со врвовите до земја. Во тој момент кога ќе бидело небото отворено, шчо да посакал чоек од Бога, Господ ќе му даел. За докажвање вервањето оти је вистинско, простијот народ прикажвит некој приказни, и ʼи вервит како сосем вистински“.

Во врска со овој празник Д. Матов забележал дека во Велес се верувало оти „ноќта спроти Преображење се јавуе на небото Божја врата, се отвора небото, сам Господ се јавуе. Кој шчо је праф човек, може да је види Божја врата и, шчо да посака, му дава Госпот, ама вратата стои малку време отворена. За това мајките им викаат на децата да не спијат и да чекајат да ја видат Божја врата. Им прикажујат и приказната за тој шчо рекол: „Дај ми, Боже еден шиник глава“, место да рече: „Дај ми Боже еден шиник пари“ – и шчо му пораснала главата колку еден шиник та не можел да си ја извре главата од пармаклʼците, дури не ѓи искршиле“.

Интересни верувања од Охрид поврзани со овој ден забележал Ефтим Спространов. Тој сведочи дека спроти празникот „Преобрʼжеʼјне се отворало небото и било светло како оган“. Спространов, исто така, ги споменува верувањата за поклонувањето на дрвјата и за исполнувањето на желбите од страна на Господ и посебно укажува на приказната за тој што наместо осмак пари посакал осмак глава и за некој човек што го врзал телето за некое дрво кое во тој миг било наведнато па утрото го нашол обесено на врвот. Е. Спространов, уште забележал дека на овој ден во Студенчишта кај Охрид се собирале штрковите пред да заминат во потоплите краишта. „На Преобр’же’јне си одет штркојте и ластојците. К’де Студенчишта се берет со стотини околу еден црн штрк, дури ќа поцрнит полето. Неколку дена викет, кревет ѓурултија после ќе летнит црнијот штрк и сите по него ќе летнет. Црнијот штрк како цар да им је, како војвода“.

Очигледно празникот Преображение на Господ Исус Христос има длабока смисла во животот на Македонците. Еден важен период од годината кога и времето се преобразува, заладува и тргнува кон есента оставало впечаток и во свеста на Македонцетот па така нашло место и во неговите верувања и во народните умотворби.