КОНКУРС ЗА ИЗБОР НА ЗЕТ И НЕВЕСТА ГАЛИЧКА СВАДБА 2026
Со особена чест и чувство на одговорност кон традицијата, Месната заедница Галичник го најавува почетокот на подготовките за Галичката свадба 2026 и објавува КОНКУРС ЗА ИЗБОР НА ЗЕТ И НЕВЕСТА.
Галичката свадба не е само настан – таа е живо културно наследство, завет и спомен што се пренесува низ генерации. И во 2026 година, на петровденскиот викенд, Галичник повторно ќе заживее со свадбени поворки, песна, ора, бајрак и свечено руво, славејќи ја љубовта преку вековните обичаи.
Ги покануваме сите заинтересирани парови кои сакаат својата љубов да ја крунисаат со венчавка во Галичник, на Петровден, и да дадат завет пред Бога и традицијата – да се пријават на конкурсот за избор на зет и невеста за 2026 година.
Рокови:
Пријавувањето трае до 19.02.2026
Одлуката ќе биде соопштена во март 2026 година

Начин на пријавување: Заинтересираните парови треба да испратат е-пошта на mzgalicnik@gmail.com со наслов: „За избор на зет и невеста – Галичка свадба 2026“, во која накратко ќе ја споделат својата приказна и мотивација.

При изборот, предност ќе имаат парови кои:
- Имаат потекло од Галичник (двајцата или еден од партнерите)
- Претходно биле дел од Галичката свадба во друга улога
- Се активни и ангажирани во рамки на месната заедница
За кои ова ќе претставува прв црковен брак Деталните услови и потребната документација ќе бидат објавени со официјалниот конкурс. Месната заедница Галичник ги охрабрува сите парови што со почит, искреност и љубов ја чувствуваат оваа традиција – да се пријават и да станат дел од една од најзначајните културни манифестации во Македонија.

Аирлија нека ни е – и со среќа!