Skip to content Skip to left sidebar Skip to footer

РЕАКЦИЈА ОД МЗ ГАЛИЧНИК: Галичка свадба не е масовен семеен настан, туку културна манифестација од национален интерес

Почитувани, Би сакале да реагираме на објавата на дел од медиумите, во која се цитира став на член на Комисијата за заразни болести во врска со одржувањето на културната манифестација Галичка свадба. Изјавата на членот на Комисијата е проблематична од неколку аспекти. Пред се’, одржувањето на оваа културна манифестација го споредува со одржување “свадби и други масовни собирања”, што укажува на елементарно непознавање на тоа што оваа културна манифестација претставува. Галичка свадба не е масовен семеен настан, туку културна манифестација од национален интерес, влезена како таква во програмата на Министерството за култура, редовно одржувана под покровителство на Претстедателот на државата и за која известуваат сите домашни и голем број релевантни странски медиуми. Како дел од светското културно наследство, оваа манифестација е од непроценливо значење за нашиот идентитет и култура. Понатаму, покажува нефер однос кон организаторите кои доставија детален протокол заедно со барањето за мислење доставено до Комисијата, во кој беше предвидено дека манифестацијата ќе се одржи без публика, со директно емитување во живо, со сосем ограничен број учесници (вкупно 90 од кои само 35 директни учесници во обичаите (чие учество ќе беше дозволено единствено со негативен Ковид тест и кои во ниту еден момент не се наоѓаат на исто место во исто време), а останатите се организатори, обезбедување и техничка поддршка, настанот ќе беше обезбеден од страна на професионална агенција за обезбедување, редари- волонтери и МВР, а Галичник ќе беше затворен за посетители. И покрај сите овие мерки, следејќи ги состојбите на дневна основа, Советот на МЗГ, крајно општествено одговорно, и сакајќи да придонесе кон јакнење на свеста кај населението, самостојно одлучи Галичката свадба да ја одложи. Потенцираме, оваа одлука МЗГ ја донесе самостојно, односно 2 дена пред да го добие негативното мислење од Комисијата за заразни болести, за што официјално ги извести медиумите. Понатаму, пртетсавникот на Комисијата истакнува дека за нив датумот на одржување не бил важен. Датумот и тоа како е важен! МЗГ се обрати до Комисијата со конкретно барање и предложен протокол за одржување на свадбата токму на Петровден. Сите веќе знаеме дека епидемиолошката сосотојба се менува секојдневно, а соодветно на тоа се менуваат и препораките и протоколите за однесување и за одржување на настани. Ние отсега не можеме да знаеме каква ќе биде состојбата и соодветно на тоа препораките за однесување на крајот на август. Во однос на одржувањето на Галичка свадба во август, МЗГ ќе одлучи еднакво одговорно како што одлучи и сега. Секако дека неодржувањето на Свадбата не е “трагедија” како што вели претставникот од Комисијата. Но, како и се’, и ова има и друга страна: одржувањето во адаптирана верзија ќе внесе позитивен дух, ќе укаже на можноста да продолжиме и со животот во адаптирана верзија, да продолжиме да живееме а сепак да бидеме безбедни. Е сега, имајќи го предвид сето горенаведено, како и негативното мислење на Комисијата во однос на одржувањето на оваа манифестација под толку строги протоколи, не може да не се прашаме, на што се должи од друга страна релаксирањето на мерките за работа на рестораните и плажите?! Исто така, Галичка свадба не е единствена манифестација чие одржување е одложено, а не целосно откажано. На пример: Струмичкиот карневал се одржа во скратено, прилагодено издание, театарскиот фестивал Војдан Чернодрински е неофицијално одложен за септември, Скопско лето се одржува под посебни протоколи, додека, од друга страна, одредени манифестации ќе се одржат, како на пример Охридско лето (каде ќе настапи Жељко Јоксимовиќ?!). Споредбата со Олимписките игри е несоодветна, а со изборниот процес – дегутантна.  Ви укажуваме дека и насловите на дел од објавите создаваат погрешен впечаток во однос на ингеренциите на Комисијата за заразни болести. Имено, Комисијата не е надлежна да одобри или неодобри одржување на одреден настан. Таа е професионално тело кое прави стручна анализа и ја следи епидемиолошката сосотојба, врз основа на што дава препораки и мислења до оние кои од нив тоа го побарале. 
МЗГ немаше обврска да побара мислење од Комисијата за одржување на оваа манифестација, но сметавме дека е одговорно да се обратиме до најкомпетентните и да го добиеме нивното мислење.  Ви стоиме на располагање за дополнителни појаснувања на оваа тема. 

Поводот е одговор на следново: https://faktor.mk/komisija-za-zarazni-bolesti-ne-e-odobreno-odrzuvanjeto-na-galichka-svadba-najgolem-problem-napravija-svadbite?fbclid=IwAR2a8PGxJ98ZBtHV62F6EyveXUNgIYvDZDJ0XWZCfOp46lywI10tBYjX2Tg


А, за да го релакситраме “тонот” на оваа дискусија, би сакале да Ве поздравиме со едно специјално видео во кое Биби ќе ви раскаже неколку работи за Галичник 🙂 Уживајте! https://www.youtube.com/watch?v=O-ffXZUsvG4