Skip to content Skip to left sidebar Skip to footer

Notices

Правила за Изборите 2021 за Совет на МЗГ

Почитувани сограѓани, Сакам да ви ги појаснам правилата на гласање што ќе се одржи во недела и понеделник, 28 и 29.03.2021 година. Со претставници од двете кандидатски листи е договорено:

1. Гласачкото ливче покрај меморандум на МЗГ да има печат и потпис на ДКС

2. По електронска пошта може да гласаат: – Гласачи кои се жители на Скопје, а на денот на гласање се во Галичник. – Гласачи кои се жители на други населени места, освен град Скопје и општините кои се во склоп на град Скопје. – Гласачи кои се во изолација поради Ковид-19 со прилог на решение за изолација. – Гласачи кои се на боледување или се со здравствени проблеми, а се жители на Скопје со прилог на документ за спреченост. – Гласачи кои се во ризична група – постари од 70 години. – За сите кои ќе гласаат, а не се во ниедна од претходните групи наведени погоре, нивниот глас нема да се брои.

3. Гласањето ќе го спроведе комисија составена од претставници делегирани од двете кандидатски листи, секој гласач треба да биде евидентиран во Списокот на гласачи кој ќе се води на избирачкото место, списоците на гласачи од гласањето по електронска пошта и од гласањето на лице место, како и резултатите од гласањето ќе бидат јавно објавени. Секој потенцијален гласач по електронска пошта сам одлучува дали ќе го користи правото на гласање, заради заштита на личните податоци, комисијата за спроведување на изборите материјалите од електронското гласање ќе ги уништи по конечно објавување на резултатите од гласањето.

4. Секој гласач покрај веќе споменатите докази, треба да има и доказ – доколку е потребно – дека е со право на глас, стекнато по наследство, брак или раѓање.

5. Во комисијата за избор ќе има и претставници на Општина Маврово и Ростуше. Сите кои ќе го искористат правото на гласање со физичко присуство треба да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид 19.

Претседател на изборна комисија Достана Караѓозоска Станковска с.р.

ИЗБОРИ 2021

Почитувани,

На претстојните избори за Советот на Месна заедница Галичник, кои ќе се одржат на 29.03.2021 година (понеделник), со свои кандидатски листи ќе настапат следните групи:

——————————————————————

Кандидатска листа со број 1

  1. Весна Ванковска
  2. Жарко Кржалоски
  3. Војче Филипоски
  4. Андреј Цинцароски
  5. Иван Чангоски
  6. Гоце Божиновски (Луканоски)
  7. Бране Лепчески
  8. Гоце Пендароски
  9. Горан Мелоски
  10. Милутин Чалчески
  11. Давор Ажиески
  12. Симона Александровска  (Јуруковска)

———————————————————————

Кандидатска листа со број 2

  1. Александар Костиќ (Мандичевски)
  2. Александар Филиповски
  3. Ана Колевска (Черепналкоска)
  4. Ана Сариевска (Ажиеска)
  5. Васко Величковски (Гегоски)
  6. Викторија Жикоска
  7. Гордана Бекриќ (Луканоска)  
  8. Дејан Дуковски
  9. Ѓорѓи Чичаров (Луканоски)
  10. Марко Бислимоски
  11. Марко Филиповски
  12. Миле Бошњаковски
  13. Павле Камилоски

Ве молиме да гласате со заокружување на бројот на листата за која сакате да гласате на гласачкото ливче кое ќе ви биде врачено на гласачкото место.

Оние кои се пријавија да гласаат по електронски пат треба во електронската порака која ќе ја испратат да го наведат бројот на кандидатската листа за која го даваат својот глас.

ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ

Се известуваат сите галичани кои имаат имот во Галичник дека Советот на Месната заедница Галичник на седницата одржана онлајн на 15 март 2021 година донесе заклучок за спроведување избори за нов совет на Месната заедница.
Изборот на новиот совет на Месната заедница ќе се одржи на 29 март 2021 година (понеделник) во просториите на Домот на култура (старото кино) во Ѓорче Петров во периодот од 7 до 19 часот.
Гласањето ќе биде тајно со заокружување на редниот број што ќе го носат предложените листи за Совет на МЗГ. Редните броеви на листите ќе бидат утврдени по пат на жрепка. Идентитетот на гласачите ќе се утврдува со лична карта.
При гласањето ќе се почитуваат сите протоколи во услови на пандемијата од Ковид 19 донесени од Комисијата за заразни болести.
Истовремено ве известуваме дека, по претходна најава, во недела на 28 март  2021 година до 19 часот, ќе биде овозможено и гласање на електронската пошта на МЗГ mzgalichnik@gmail.com само за оние галичани кои во моментот на гласањето се наоѓаат во Галичник, во странство или од оправдани здравствени причини не се во можност физички да присуствуваат, со прилог скен од пасош или лична карта.
Процесот на гласање ќе го спроведе комисија која ќе биде составена од претставници на предложените листи и галичани кои веќе учествувале во спроведување на локалните, парламентарните или претседателските избори.
Ги повикуваме сите заинтересирани галичани, лично или електронски на mzgalichnik@gmail.com, најдоцна до 24 март 2021 (четврток) да достават предлог листи за членови на Совет на МЗГ и предлог на лица кои ќе бидат присутни при спроведување на процесот на гласање. Листата треба да брои од седум до тринаесет лица.
Од овој момент па се до 27 март 2021 (сабота) алатките за комуникација на МЗГ како што се веб страната и ФБ страната на МЗГ ќе бидат достапни за објавување на содржини во функција на изборот на совет на сите предложени листи за Совет на МЗГ.

15 март 2021 година,
Александар Костиќ,
претседател на Месна заедница Галичник

Патот од Маврово до Галичник ќе биде затворен од 09 до 16 часот

Почитувани,

ЈП Македонијапат како изведувач на работите, а ЈП за државни патишта како инвеститор, во петок, 14.08.2020, во 9:30 часот ќе започнат со изведување на асфалтирање на нагорнината кај местото Вирови на патниот правец Галичник – Маврово. Работата ќе трае до 14 часот. Ве информираме дека за тоа време, тој дел ќе биде затворен за сообраќај.
Потсетуваме дека после 47 години, кога патот се градел во функција на ревитализација на Галичник, ова е трет сериозен зафат на овој дотрајан асфалт, после зафатот на делот кај Царевец направен пред повеќе од 20 години и санацијата на свлечиштето која заврши пред два дена. Свесни сме дека работите се изведуваат во ек на туристичка сезона, но потсетуваме дека тоа е истовремено и единствена градежна сезона за овој тип работи и на оваа локација. Убедени сме дека за животот во Галичник и унапредувањето на туризмот, овој зафат е од исклучителна важност. Затоа, ве молиме за трпение и соработка во периодите во кои ќе се одвиваат работите, за што ќе се информираме тековно.

Важно известување: 17 и 18 јули патот за Галичник ќе биде затворен

Утре и задутре, 17 и 18 јули, поради асфалтирање, патниот правец Маврово – Галичник ќе биде затворен за сообраќај во периодот од 12 до 17 часот. За оваа делница инвеститор е ЈП за државни патишта, а изведувач на работите е ГП Пелагонија Гостивар

Галичка Свадба 2020 од Петровден одложена за 28 Август 2020 на големиот празник Пресвета Богородица

Велат, традицијата е обичен притисок од умрените врз живите. Ние, нашите претци си ги каниме на свадба.
Велат, традицијата е илузија на постојаност. Кај нас нема привид: сѐ дури ја имаме, живи сме и ние и нашите претци, тука се и тие што идат по нас.
Нашата потреба да ја одржиме традицијата е исконска, автентична. Нема притисок, има љубов. Во нашите обичаи нема привид, тие се живи, дишат со нас, ние со нив сраснати.
Времињата се менуваат, секое со своите предизвици. Годинава, соочени со предизвикот на Ковид-19, и во интерес на заштита на јавното здравје како врвен приоритет, Советот на Месна заедница Галичник одлучи одржувањето на Галичката свадба да го направи на вториот голем празник Пресвета Богородица односно на 28 август со надеж дека до тогаш ќе се создадат услови за целосна организација.
Разговаравме долго, го обезбедивме традиционалното покровителство на Свадбата од Претседателот на државата, се консултиравме со стручни лица од областа и со Комисијата за заразни болести, развивме сеопфатен протокол, но сфативме дека со оглед на моменталната епидемиолошка состојба, манифестацијата Галичка свадба не треба да се одржи на Петровден. Будно ќе ги следиме состојбите и препораките, и се надеваме дека Свадбата ќе ја одржиме наскоро. Прилагодувањето е одлика на умните и истрајните, на тоа нѐ учи и природата. Со одредени прилагодувања на секојдневието, тоа ќе врви, ќе може да ги правиме нештата кои ни го прават животот вреден за живеење, а болеста ќе има малку или никакви шанси да нѐ допре.
Смислата на свадбата е љубовта. Ако се обединиме околу неа, нема нешто што е невозможно.
За да сме живи здрави и на број (па и побројни!), да имаме свадби со сите салтанати, да си помогнеме.
И да успееме и да не успееме, ќа нѐ пишит и ќа нѐ кажувает.
Си ја зноеме работата! Свети Петар напомош!

АПЕЛ – да се грижиме заедно за хигиената во Галичник.

Почитувани, овој апел сме го упатиле повеќе пати, и затоа сега веќе дури не апелираме туку ВЕ МОЛИМЕ: да се грижиме заедно за хигиената во Галичник. При чистењето на јавните површини собравме смет кој навистина не припаѓаше таму. Ова се случува секоја година по неколку пати, и сметот го чистиме на разни акции на добоволци и во соработка со служби. Сите често слушаме дека “ниту една служба не може да го исчисти она што наш човек може да извалка”, но искрено се надеваме дека ние Галичаните, како што милуваме да веруваме дека сме умни, мудри и вредни, не се поистоветуваме со овој опис.

Ве молиме имајте го предвид следново:

1. ДА СЕЛЕКТИРАМЕ! На повеќето пунктови за одлагање отпад се поставени кафези за селектирање отпад кој може да се рециклира (стакло, лименки, пластични шишиња). Ве молиме да ги користите!

2. ДА ГО КОРИСТИМЕ ОРГАНСКИОТ ОТПАД! Секој во својот двор да си направи мала дупка (доволно е да е 30тина сантиметри длабока и толку широка) во која ќе го одлага органскиот отпад. На тој начин ќе се намали волуменот на отпад во контејнерите и ќе се намали интересот на мечките кои веќе се одомаќинети, секојдневно доаѓаат и ги превртуваат контејнерите на сите пунктови во потрага по храна (која ја наоѓаат во изобилие и затоа се враќаат). Одомаќинета мечка не е добра вест ниту за бебедноста на луѓето ниту за безбедноста на мечката. Дополнителен ќар од дупка за органски отпад е што ќе добиете природен хумус за потхранување на вашето цвеќе, трева, бафчиче. Повеќе информации за ова можете да најдете на интернет (https://www.youtube.com/results?search_query=kompostiranje+).

3. КРУПЕН ОТПАД НЕ СЕ ФРЛА ПОКРАЈ КОНТЕЈНЕР! Покуќнината која ќе ја замениме со нова во нашите куќи да не ја фрламе на пунктовите за одлагање комунален отпад. Ве молиме! Кога веќе сме донеле нова покуќнина, сигурно сме организирале некаков превоз. Да го искористиме истиот за она што е кабаст отпад да го однесеме во некое од одлагалиштата во градовите. Ако веќе немаме начин да го направиме тоа, ВЕ МОЛИМЕ да ни се обратите и ќе се обидеме да помогнеме. Слики како овие навистина се срам и не доликуваат за Галичник. Одлагање крупен отпад, покуќнина, градежен материјал и слично на пунктовите за отпад во Галичник е забрането!

Посебна насока за одлагање на електричен и електронски отпад, батерии и акумулатори: Ќе бидат организирани две акции во соработка со ЈПКД Маврово за собирање на овој отпад – за термините ќе има посебно известување, но ќе бидат на почетокот и на крајот на сезоната во Галичник. Во меѓувреме, електричниот и електронскиот отпад може да се остава во еко магацинот во Маврови Анови.

Ви стоиме на располагање за секое прашање и помош.

Ви посакуваме добро здравје и кувет да се издржи овој тежок период за сите. Во меѓувреме, работиме да овозможиме удобен и безбеден престој во Галичник за празниците и сезоната што ни претстои!

.

Реновирање / COVID-19

Важна информација

Почитувани,

Ве информираме дека имаме сознанија за потврдени нови случаи на Covid-19 кај лица од населените места во Долна Река. Чувствуваме должност активно да се вклучиме во справувањето со епидемијата. Со оглед на тоа што е почеток на градежна сезона, апелираме:
1. Да се одложат сите градежни работи кои не се неодложни (под неодложни ве молиме да ги подразберете навистина неодложните – ако не е пред турување – одложете!)
2. Во случај да има неодложни градежни работи и сте принудени да најмите работници од Долна Река, придржувајте се строго до сите препорачани мерки за заштита од вирусот. Носете заштитна маска, инсистирајте работниците да носат заштитна маска, не го допирајте лицето, често и темелно мијте ги рацете, користете засебни крпи и прибор за јадење, пред влезната врата ставете черга која ќе ја натопите со соодветен раствор за дезинфекција, имајте секогаш при рака средство за дезинфекција на раце.

Чувајте се!

Да го чуваме Галичник чист

Сите Галичани и посетители на Галичник кои се дојдени на викенд во Галичник, ѓубрето ЗАДОЛЖИТЕЛНО да го понесат со себе и да го одложат на друго место. Ѓубрето НИКАКО да не се остава во Галичник.
Галичани кои се на подолг престој во Галичник, ѓубрето да го собираат и да го одлагаат кога одат по набавки.
Мечките се будни и активни, нередот што се прави секоја ноќ е очигледен за сите. Невозможно е да се одржува редот и хигиената во Галичник сега кога се’ уште не почнало редовно прибирање на отпадот од Комуналното претпријатие.
Секако, не постои механизам на присилба за ова да се прави – оставено е на свест и совест на секој од нас.
Ве молиме имајте разбирање!
(На фотографиите можете да ја видите состојбата со ѓубрето пред и после чистењето.).