Skip to content Skip to left sidebar Skip to footer

Author: Administrator Galichnik

Избор на зет и невеста за Галичка Свадба 2025

Почитувани,

Со особена чест и задоволство ги објавуваме овогодинешните зет и невеста за Галичката свадба 2025 – Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска!

Јован, потомок на галичкото семејство Филипоски, уште како дете чекорел низ Галичник облечен во носија, сонувајќи еден ден да ја води свадбата. Од најрана возраст активно учествува во сите обичаи.

Неговата избраничка, Лилјана, веќе ја почувствувала магијата на Галичката свадба во 2022 година и ова лето ќе заигра во улогата на невеста – со срце полно љубов и почит кон традицијата.

Зетот и Невестата – Симбол на Љубовта и Традицијата

Во срцето на Галичник, под сенката на Бистра, секое лето љубовта добива посебна форма. Зетот и невестата не се само млад пар – тие се симболот на вековната традиција, на непрекинатото предание што низ генерации се пренесува со чест и гордост.



Тие чекорат низ Галичник не само како двајца вљубени, туку како чувари на обичајот. Секое движење, секој поглед, секоја песна – сè е длабоко вкоренето во духот на Галичник.

Манукот ја носи гордоста на предците, додека мануката со раскошната носија ја раскажува приказната за момичките од овие планински височини – достоинствени, вредни, горди и полни со љубов. Заедно, тие не се само пар – тие се огледало на Галичник.

Во нивниот поглед се препознаваат љубовта и ветувањето дека традицијата ќе продолжи. И токму затоа, секој што ќе ги види, не гледа само свадба – туку гледа историја што живее.

Да се ќердосает, од небо да им врне од земја да им никне!

Аирлија Галичка Свадба 2025!

Со почит,

Огнен Караѓозовски

Престедател

Месна заедница Галичник
www.galichnik.com.mk
image.png

Конкурс за избор на зет и невеста за Галичка свадба 2025

Почитувани,

Со гордост и возбуда најавуваме дека започнуваат подготовките за Галичка свадба 2025!

Овогодинешната Галичка свадба ќе се одржи традиционално на празничниот Петровденски викенд од 11 до 13 јули во Галичник.

Уште еднаш ќе ги отвориме ковчезите за чеиз, ќе се дотераме во свечено свадбарско руво, ќе си накитиме бајрак и со три пушки ќе ја најавиме радоста на наште младенци кои својата љубов ќе закитат со венчавка во Галичник.

И оваа година доследни на традицијата, ќе ги спасиме од заборав нашите вековни обичаи и со свадбени поворки, песна и ора и ќе направиме уште една незаборавна Галичка свадба!

Ги покануваме сите заинтересирани парови кои сакаат да ја крунисаат својата љубов на Петровден и да дадат завет пред Бога да се пријават најдоцна до 20.04.2025 година.

📩 Испратете е-пошта на mzgalicnik@gmail.com со наслов „За избор на зет и невеста“ и раскажете ни зошто токму вие сте вистинскиот пар.

📌 Предност ќе имаат оние кои:

✔️ Имаат потекло од Галичник (двајцата или еден од нив)

✔️ Веќе биле дел од Галичката свадба во друга улога

✔️ Се активни членови на месната заедница

✔️ Парови за кои ова ќе биде прв црковен брак

Одлуката ќе биде објавена најдоцна до 31.05.2025 година на официјалната веб-страница и Facebook профилот на МЗ Галичник.

🎊 Ве очекуваме со радост – аирлија нека ни е!

СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ

МЕСНА ЗАЕДНИЦА ГАЛИЧНИК, ИЗБОРИ ЗА СОВЕТ НА МЕСНА ЗАЕДНИЦА ГАЛИЧНИК

Скопје, четврток, 16 јануари 2025

Сакаме да ве информираме дека до полноќ вчера на 15 јануари, односно до истекот на крајниот рок на јавно објавениот повик за кандидатури на избор на нов Совет на Месна заедница Галичник, пристигна само една предлог листа за Совет на МЗГ од претставници на Галичник. 

Бидејќи процесот се одвива во координација со Општина Маврово и Ростуше, утрово испративме допис да ги информираме по што очекуваме соодветен одговор за начинот на продолжување на целата постапка. 

Предложениот тим кој ја очекува поддршката од Галичаните ќе треба да продолжи да го развива Галичник како економски одржливо населено место во рамките на Општина Маврово и Ростуше, да се грижи за чување на вековните традиции и да помогне во подобрување на сите инфраструктурни проблеми со кои се соочува Галичник.

Тимот кој поднесе листа за нов Совет на Месна заедница Галичник е: Огнен Караѓозовски, Ана Сариевска, Филип Филиповски, Тања Лепческа, Дејан Декла Петровски (Гегоски), Ана Колевска (Черепналкоска), Стефан Ангелов (Раваноски), Димитар Каркински, Диме Меловски, Кристијан Бундовски, Сашo Тодоров (Топузовски), Огнен Миновски (Караѓозовски) и Велимир Граоркоски.

Во меѓувреме исто така течат подготовките за Галичка свадба 2025 година во координација со сите вклучени државни институции, како и со носечките комерцијални покровители на манифестација. Воедно „Годишниот извештај за работењето на Месната заедница“ се подготвува и ќе биде објавен наскоро.

Во прилог на ова соопштение за јавност ви ја пренесуваме и предложената програма на тимот кој ја достави со цел транспаретно да бидете информирани во интерес на развојот и одржливоста на нашиот Галичник:

From: ognen.karagjozovski@yahoo.com <ognen.karagjozovski@yahoo.com>
Date: Wed, Jan 15, 2025, 8:01 PM
Subject: Izbori za sovet na Mesna zaednica Galicnik 2025
To: МЗ Галичник <mzgalichnik@gmail.com>

Почитувани,

Во прилог на оваа електронска пошта на следниот линк е предлог листата и програмата за избор на Совет на Месна заедница Галичник:

Програма МЗ Галичник 2025-2029

и лицата кои ќе бидат присутни на денот на гласањето:

Огнен Караѓозовски, Филип Филиповски, Дејан Петровски, Сашо Тодоров, Ана Сариевска, Огнен Миновски и Тања Лепческа.

ИЗБОРИ ЗА СОВЕТ НА МЕСНА ЗАЕДНИЦА ГАЛИЧНИК 2025

Се известуваат сите галичани и сопственици на имот во Галичник дека Советот на Месната заедница Галичник донесе одлука за спроведување на избори за нов совет на Месната заедница.

Изборот на новиот совет на Месната заедница ќе се одржи на 09 февруари 2025 година.
За таа цел ги повикуваме сите заинтересирани галичани, лично или електронски на мејл адресата mzgalichnik@gmail.com, најдоцна до 15 јануари 2025 да достават предлог листи за членови на Совет на Месна заедница Галичник и предлог на лица кои ќе бидат присутни при спроведување на процесот на гласање. Листите треба да бројат од седум до тринаесет лица.

Гласањето ќе биде тајно со заокружување на редниот број што ќе го носат предложените листи за Совет на МЗ Галичник. Редните броеви на листите ќе бидат утврдени по пат на жрепка. Идентитетот на гласачите ќе се утврдува со лична карта.

Процесот на гласање ќе го спроведе комисија која ќе биде составена од претставници на предложените листи, галичани кои веќе учествувале во спроведување на локални, парламентарни или претседателски избори и претставници на Општина Маврово и Ростуше.

Од овој момент па сè до 07 февруари 2025 година, алатките за комуникација на МЗГ како што се веб страната и ФБ страната ќе бидат достапни за објавување на содржини во функција на изборот на сите предложени листи за Совет на Месна заедница Галичник.

Александар Костиќ, претседател на Советот на Месна заедница Галичник

Куќен ред – Галичка свадба 2024

ВАЖНО!

КУЌЕН РЕД – Галичка свадба 2024

Заради непречено и безбедно одржување на Галичка свадба, апелираме до сите учесници, посетители и галичани да се придржуваат до овие правила и да ни помогнат во непречено и беспрекорно организирање на настанот.

  1. Одлагање отпад:
  • Сите контејнери и кафези за одлагање отпад ќе се дислоцираат на паркингот позади хотел Неда. Камион на Јавното комунално препријатие Маврово ќе биде паркиран на патот кон Света Петка и ако некому му е неопходно за време на викендот да одложи отпад, ќе треба да го стори тоа директно во камион;
  1. Сообраќаен режим:
  • Паркирање на паркингот на Пеш, околу Црквата Свети Петар и Павле, на Упија, на коловоз од Црквата Свети Петар и Павле до куќата од каде ќе се земе невестата НЕ Е ДОЗВОЛЕНО во ниту еден момент од 12ти до 14ти јули;
  • Сообраќајот со моторни возила низ Галичник во ПЕТОК, 12ти јули ќе биде забранет од 21:00 часот до 01.00 часот по полноќ;
  • Сообраќајот со моторни возила низ Галичник во САБОТА, 13ти јули ќе биде забранет од 18.00 до 22.00 часот;
  • Сообраќајот со моторни возила низ Галичник во НЕДЕЛА, 14ти јули ќе биде забранет од 7.30 до 15.00 часот.
  • Во термините во кои е забранет сообраќај, паркирањето на автомобили кои ќе доаѓаат кон Галичник ќе биде покрај коловозот пред Селска ливада;
  • Месна заедница Галичник обезбедува слободен превоз на посетителите во сабота и во недела на релација Селска ливада – Галичник.
  • Сообраќајот може да биде затворен и надвор од овие термини ако за тоа се утврди дека има потреба;
  • Оној кој ќе има потреба од сопствениот автомобил во овие термини, автомобилот треба да го паркира надвор од Галичник, освен сопствениците на имот на Пеш, Гегоско и Бошнакоско маало;
  • Непрописно паркираните возила (паркирани спротивно на овие правила), ќе бидат отстранети со помош на специјално возило – пајак.

Однапред благодариме за разбирањето и соработката.

Статисти – Галичка свадба 2024

Статисти – Галичка свадба 2024

Се известуваат сите Галичани кои сакаат да учествуваат како статисти на Галичката свадба, дека е потребно облечени во галичка носија во сабота на 13.07.2024 година во период од 18:00 часот до 19.00 часот, да се пријават кај Евгенија Плачкоска внатре во црквата Св. Петар и Павле. На учесниците ќе им биде даден авторски договор за исплата на хонорари што ќе го потпишат во таа прилика. За поедноставување на постапката, ве охрабруваме вашите лични податоци (име, презиме и матичен број) и податоци за плаќање (број на трансакциска сметка и банка), да ги испратите однапред по мејл на mzgalichnik@gmail.com. Хонорарот изнесува 2.500 денари за возрасни и 2.000 денари за деца. Податоците за малолетните лица ги доставуваат родителите и треба да бидат дополнети со матичен број и трансакциска сметка на која ќе се изврши исплатата. Укажуваме дека статистите задолжително треба да носат ЧЕВЛИ (никако патики). Напоменуваме дека исплата ќе се направи само за целосно исполнета обврска, односно учество во манифестацијата во сабота и недела (13ти и 14ти) јули. Евиденција за учество ќе се води со пријавата во сабота, и со пријава за присуството во 8.30 часот во недела на истата локација (црквата), а присуство ќе се потврди со своерачен потпис на список за евиденција.

Одлука за избор на невеста и зет за Галичка свадба 2024

Драги галичани и љубители на Галичник,Со голема радост ви соопштуваме дека по објавениот конкурс за избор на невеста и зет на Галичка свадба 2024 што годинава ќе се одржи од 12 до 14 јули, советот на МЗ Галичник ја избра среќната двојка. Овогодишна невеста е Стефана Димитрова, со потекло од галичките фамилии Чаловски и Веноски, долгогодишна учесничка на галичка свадба, додека зетот е Даријан Кочоски. Двојката ги исполнува сите потребни услови за учество во галичката свадба.Нека се вечно среќни и бериќетни, да се ќердосает! Годинава на венчавка, в`година на крштевка! За многу години да им е љубовта и среќата!

Драги галичани и љубители на Галичник,Со голема радост ви соопштуваме дека по објавениот конкурс за избор на невеста и зет на Галичка свадба 2024 што годинава ќе се одржи од 12 до 14 јули, советот на МЗ Галичник ја избра среќната двојка. Овогодишна невеста е Стефана Димитрова, со потекло од галичките фамилии Чаловски и Веноски, долгогодишна учесничка на галичка свадба, додека зетот е Даријан Кочоски. Двојката ги исполнува сите потребни услови за учество во галичката свадба.Нека се вечно среќни и бериќетни, да се ќердосает! Годинава на венчавка, в`година на крштевка!За многу години да им е љубовта и среќата!

Конкурс за избор на зет и невеста за Галичка свадба 2024

Драги наши,

Започнуваат подготовките за Галичка свадба 2024!

И на годинешните зет и невеста ќе им ја направиме свадбата незаборавна што оваа година ќе се одржи од 12 до 14 јули, притоа чувајќи ги од заборав нашите единствени свадбени обичаи! Ги каниме сите вљубени двојки кои сакаат да си дадат завет пред Бога за Петровден, најдоцна до 30.04.2024 да се пријават на електронската адреса mzgalichnik@gmail.com испраќајќи e-mail со назнака “За избор на зет и невеста”. Нека ни пишат некој збор зошто сакаат да бидат токму тие младоженците годинава и нека ни испратат фотографии.

Предност ќе имаат оние кандидати кои имаат:

  • Потекло од Галичник (двајцата или едниот),
  • Искуство во учество на Галичка свадба во друга улога,
  • Учество во активностите на Месната заедница,
  • Ова да им е прв црковен брак.

Одлуката за избор на зет и невеста ќе ја донесе Советот на Месната заедница Галичник и ќе ја објави најдоцна до 31.05.2024 на веб страницата на Галичник и на официјалниот ФБ профил на МЗ Галичник.

Аирлија нека ни е!