Skip to content Skip to left sidebar Skip to footer

АПЕЛ – да се грижиме заедно за хигиената во Галичник.

Почитувани, овој апел сме го упатиле повеќе пати, и затоа сега веќе дури не апелираме туку ВЕ МОЛИМЕ: да се грижиме заедно за хигиената во Галичник. При чистењето на јавните површини собравме смет кој навистина не припаѓаше таму. Ова се случува секоја година по неколку пати, и сметот го чистиме на разни акции на добоволци и во соработка со служби. Сите често слушаме дека “ниту една служба не може да го исчисти она што наш човек може да извалка”, но искрено се надеваме дека ние Галичаните, како што милуваме да веруваме дека сме умни, мудри и вредни, не се поистоветуваме со овој опис.

Ве молиме имајте го предвид следново:

1. ДА СЕЛЕКТИРАМЕ! На повеќето пунктови за одлагање отпад се поставени кафези за селектирање отпад кој може да се рециклира (стакло, лименки, пластични шишиња). Ве молиме да ги користите!

2. ДА ГО КОРИСТИМЕ ОРГАНСКИОТ ОТПАД! Секој во својот двор да си направи мала дупка (доволно е да е 30тина сантиметри длабока и толку широка) во која ќе го одлага органскиот отпад. На тој начин ќе се намали волуменот на отпад во контејнерите и ќе се намали интересот на мечките кои веќе се одомаќинети, секојдневно доаѓаат и ги превртуваат контејнерите на сите пунктови во потрага по храна (која ја наоѓаат во изобилие и затоа се враќаат). Одомаќинета мечка не е добра вест ниту за бебедноста на луѓето ниту за безбедноста на мечката. Дополнителен ќар од дупка за органски отпад е што ќе добиете природен хумус за потхранување на вашето цвеќе, трева, бафчиче. Повеќе информации за ова можете да најдете на интернет (https://www.youtube.com/results?search_query=kompostiranje+).

3. КРУПЕН ОТПАД НЕ СЕ ФРЛА ПОКРАЈ КОНТЕЈНЕР! Покуќнината која ќе ја замениме со нова во нашите куќи да не ја фрламе на пунктовите за одлагање комунален отпад. Ве молиме! Кога веќе сме донеле нова покуќнина, сигурно сме организирале некаков превоз. Да го искористиме истиот за она што е кабаст отпад да го однесеме во некое од одлагалиштата во градовите. Ако веќе немаме начин да го направиме тоа, ВЕ МОЛИМЕ да ни се обратите и ќе се обидеме да помогнеме. Слики како овие навистина се срам и не доликуваат за Галичник. Одлагање крупен отпад, покуќнина, градежен материјал и слично на пунктовите за отпад во Галичник е забрането!

Посебна насока за одлагање на електричен и електронски отпад, батерии и акумулатори: Ќе бидат организирани две акции во соработка со ЈПКД Маврово за собирање на овој отпад – за термините ќе има посебно известување, но ќе бидат на почетокот и на крајот на сезоната во Галичник. Во меѓувреме, електричниот и електронскиот отпад може да се остава во еко магацинот во Маврови Анови.

Ви стоиме на располагање за секое прашање и помош.

Ви посакуваме добро здравје и кувет да се издржи овој тежок период за сите. Во меѓувреме, работиме да овозможиме удобен и безбеден престој во Галичник за празниците и сезоната што ни претстои!

.