Skip to content Skip to left sidebar Skip to footer

Community

Галичка Свадба 2020 од Петровден одложена за 28 Август 2020 на големиот празник Пресвета Богородица

Велат, традицијата е обичен притисок од умрените врз живите. Ние, нашите претци си ги каниме на свадба.
Велат, традицијата е илузија на постојаност. Кај нас нема привид: сѐ дури ја имаме, живи сме и ние и нашите претци, тука се и тие што идат по нас.
Нашата потреба да ја одржиме традицијата е исконска, автентична. Нема притисок, има љубов. Во нашите обичаи нема привид, тие се живи, дишат со нас, ние со нив сраснати.
Времињата се менуваат, секое со своите предизвици. Годинава, соочени со предизвикот на Ковид-19, и во интерес на заштита на јавното здравје како врвен приоритет, Советот на Месна заедница Галичник одлучи одржувањето на Галичката свадба да го направи на вториот голем празник Пресвета Богородица односно на 28 август со надеж дека до тогаш ќе се создадат услови за целосна организација.
Разговаравме долго, го обезбедивме традиционалното покровителство на Свадбата од Претседателот на државата, се консултиравме со стручни лица од областа и со Комисијата за заразни болести, развивме сеопфатен протокол, но сфативме дека со оглед на моменталната епидемиолошка состојба, манифестацијата Галичка свадба не треба да се одржи на Петровден. Будно ќе ги следиме состојбите и препораките, и се надеваме дека Свадбата ќе ја одржиме наскоро. Прилагодувањето е одлика на умните и истрајните, на тоа нѐ учи и природата. Со одредени прилагодувања на секојдневието, тоа ќе врви, ќе може да ги правиме нештата кои ни го прават животот вреден за живеење, а болеста ќе има малку или никакви шанси да нѐ допре.
Смислата на свадбата е љубовта. Ако се обединиме околу неа, нема нешто што е невозможно.
За да сме живи здрави и на број (па и побројни!), да имаме свадби со сите салтанати, да си помогнеме.
И да успееме и да не успееме, ќа нѐ пишит и ќа нѐ кажувает.
Си ја зноеме работата! Свети Петар напомош!

АПЕЛ – да се грижиме заедно за хигиената во Галичник.

Почитувани, овој апел сме го упатиле повеќе пати, и затоа сега веќе дури не апелираме туку ВЕ МОЛИМЕ: да се грижиме заедно за хигиената во Галичник. При чистењето на јавните површини собравме смет кој навистина не припаѓаше таму. Ова се случува секоја година по неколку пати, и сметот го чистиме на разни акции на добоволци и во соработка со служби. Сите често слушаме дека “ниту една служба не може да го исчисти она што наш човек може да извалка”, но искрено се надеваме дека ние Галичаните, како што милуваме да веруваме дека сме умни, мудри и вредни, не се поистоветуваме со овој опис.

Ве молиме имајте го предвид следново:

1. ДА СЕЛЕКТИРАМЕ! На повеќето пунктови за одлагање отпад се поставени кафези за селектирање отпад кој може да се рециклира (стакло, лименки, пластични шишиња). Ве молиме да ги користите!

2. ДА ГО КОРИСТИМЕ ОРГАНСКИОТ ОТПАД! Секој во својот двор да си направи мала дупка (доволно е да е 30тина сантиметри длабока и толку широка) во која ќе го одлага органскиот отпад. На тој начин ќе се намали волуменот на отпад во контејнерите и ќе се намали интересот на мечките кои веќе се одомаќинети, секојдневно доаѓаат и ги превртуваат контејнерите на сите пунктови во потрага по храна (која ја наоѓаат во изобилие и затоа се враќаат). Одомаќинета мечка не е добра вест ниту за бебедноста на луѓето ниту за безбедноста на мечката. Дополнителен ќар од дупка за органски отпад е што ќе добиете природен хумус за потхранување на вашето цвеќе, трева, бафчиче. Повеќе информации за ова можете да најдете на интернет (https://www.youtube.com/results?search_query=kompostiranje+).

3. КРУПЕН ОТПАД НЕ СЕ ФРЛА ПОКРАЈ КОНТЕЈНЕР! Покуќнината која ќе ја замениме со нова во нашите куќи да не ја фрламе на пунктовите за одлагање комунален отпад. Ве молиме! Кога веќе сме донеле нова покуќнина, сигурно сме организирале некаков превоз. Да го искористиме истиот за она што е кабаст отпад да го однесеме во некое од одлагалиштата во градовите. Ако веќе немаме начин да го направиме тоа, ВЕ МОЛИМЕ да ни се обратите и ќе се обидеме да помогнеме. Слики како овие навистина се срам и не доликуваат за Галичник. Одлагање крупен отпад, покуќнина, градежен материјал и слично на пунктовите за отпад во Галичник е забрането!

Посебна насока за одлагање на електричен и електронски отпад, батерии и акумулатори: Ќе бидат организирани две акции во соработка со ЈПКД Маврово за собирање на овој отпад – за термините ќе има посебно известување, но ќе бидат на почетокот и на крајот на сезоната во Галичник. Во меѓувреме, електричниот и електронскиот отпад може да се остава во еко магацинот во Маврови Анови.

Ви стоиме на располагање за секое прашање и помош.

Ви посакуваме добро здравје и кувет да се издржи овој тежок период за сите. Во меѓувреме, работиме да овозможиме удобен и безбеден престој во Галичник за празниците и сезоната што ни претстои!

.

Реновирање / COVID-19

Важна информација

Почитувани,

Ве информираме дека имаме сознанија за потврдени нови случаи на Covid-19 кај лица од населените места во Долна Река. Чувствуваме должност активно да се вклучиме во справувањето со епидемијата. Со оглед на тоа што е почеток на градежна сезона, апелираме:
1. Да се одложат сите градежни работи кои не се неодложни (под неодложни ве молиме да ги подразберете навистина неодложните – ако не е пред турување – одложете!)
2. Во случај да има неодложни градежни работи и сте принудени да најмите работници од Долна Река, придржувајте се строго до сите препорачани мерки за заштита од вирусот. Носете заштитна маска, инсистирајте работниците да носат заштитна маска, не го допирајте лицето, често и темелно мијте ги рацете, користете засебни крпи и прибор за јадење, пред влезната врата ставете черга која ќе ја натопите со соодветен раствор за дезинфекција, имајте секогаш при рака средство за дезинфекција на раце.

Чувајте се!

Да го чуваме Галичник чист

Сите Галичани и посетители на Галичник кои се дојдени на викенд во Галичник, ѓубрето ЗАДОЛЖИТЕЛНО да го понесат со себе и да го одложат на друго место. Ѓубрето НИКАКО да не се остава во Галичник.
Галичани кои се на подолг престој во Галичник, ѓубрето да го собираат и да го одлагаат кога одат по набавки.
Мечките се будни и активни, нередот што се прави секоја ноќ е очигледен за сите. Невозможно е да се одржува редот и хигиената во Галичник сега кога се’ уште не почнало редовно прибирање на отпадот од Комуналното претпријатие.
Секако, не постои механизам на присилба за ова да се прави – оставено е на свест и совест на секој од нас.
Ве молиме имајте разбирање!
(На фотографиите можете да ја видите состојбата со ѓубрето пред и после чистењето.).