Почитувани сограѓани, Сакам да ви ги појаснам правилата на гласање што ќе се одржи во недела и понеделник, 28 и 29.03.2021 година. Со претставници од двете кандидатски листи е договорено:
1. Гласачкото ливче покрај меморандум на МЗГ да има печат и потпис на ДКС
2. По електронска пошта може да гласаат: – Гласачи кои се жители на Скопје, а на денот на гласање се во Галичник. – Гласачи кои се жители на други населени места, освен град Скопје и општините кои се во склоп на град Скопје. – Гласачи кои се во изолација поради Ковид-19 со прилог на решение за изолација. – Гласачи кои се на боледување или се со здравствени проблеми, а се жители на Скопје со прилог на документ за спреченост. – Гласачи кои се во ризична група – постари од 70 години. – За сите кои ќе гласаат, а не се во ниедна од претходните групи наведени погоре, нивниот глас нема да се брои.
3. Гласањето ќе го спроведе комисија составена од претставници делегирани од двете кандидатски листи, секој гласач треба да биде евидентиран во Списокот на гласачи кој ќе се води на избирачкото место, списоците на гласачи од гласањето по електронска пошта и од гласањето на лице место, како и резултатите од гласањето ќе бидат јавно објавени. Секој потенцијален гласач по електронска пошта сам одлучува дали ќе го користи правото на гласање, заради заштита на личните податоци, комисијата за спроведување на изборите материјалите од електронското гласање ќе ги уништи по конечно објавување на резултатите од гласањето.
4. Секој гласач покрај веќе споменатите докази, треба да има и доказ – доколку е потребно – дека е со право на глас, стекнато по наследство, брак или раѓање.
5. Во комисијата за избор ќе има и претставници на Општина Маврово и Ростуше. Сите кои ќе го искористат правото на гласање со физичко присуство треба да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид 19.
Претседател на изборна комисија Достана Караѓозоска Станковска с.р.
Во периодот од март 2017 до март 2021 година, Советот на месната заедница Галичник посветено работеше и преземаше активности за надминување и решавање на наталожените проблеми од минатите години, а особено за остварување на следниве цели:
Зголемување на бројот на постојани жители во Галичник и зголемување на престојот на сопствениците на имот, како и поттикнување на реконструкција на постојните имоти,
Подобрување на квалитетот на животот и престојот во Галичник,
Зголемување на бројот на стопански субјекти од областа на алтернативниот туризам и угостителските и сместувачки капацитети,
Подобрување на инфраструктурата (патна, електрична, водоводна, и да се реконструираат објекти кои се во функција на Галичник),
Зголемување на бројот на странски и домашни туристи,
Подигнување на еколошката свест и зачувување на животната средина,
Промовирање на Галичката свадба и останатите содржини што ги нуди Галичник низ целиот свет.
МЗ Галичник учествуваше во програма Унапредување на општинското владеење организирана од страна УНДП и Министерство за локлна самоуправа како и канцеларијата на Европска комисија, каде зеде активно учество во дискусија и во однос на предлози за подобрување на законските решенија од областа на локалната самоуправа. МЗ Галичник на овие настани беше секогаш посочен како одличен пример за функционална организација. Идејата на тркалезните маси беше токму изнаоѓање на модалитет и форма за утврдување на идеалниот правен статус на МЗ кој би бил од интерес за целата заедница.
Јавното претпријатие за државни патишта деновиве ги приврши градежните работи на свлечиштето на патот Маврово – Галичник. Наредната недела, Македонија пат ќе почне со асфалтирање на целиот патен правец Маврово – Галичник, што ќе предизвика прекин на сообраќајот од по повеќе часа дневно. Тековно ќе информираме за состојбата и одвивањето на сообраќајот. Средствата за зафатите за реконструкција и асфалтирање се обезбедени преку Јавното претпријатие за државни патишта и претставуваат прв посериозен зафат на патот од 1973 година кога е ревитализиран Галичник.
Почитувани, Би сакале да реагираме на објавата на дел од медиумите, во која се цитира став на член на Комисијата за заразни болести во врска со одржувањето на културната манифестација Галичка свадба. Изјавата на членот на Комисијата е проблематична од неколку аспекти. Пред се’, одржувањето на оваа културна манифестација го споредува со одржување “свадби и други масовни собирања”, што укажува на елементарно непознавање на тоа што оваа културна манифестација претставува. Галичка свадба не е масовен семеен настан, туку културна манифестација од национален интерес, влезена како таква во програмата на Министерството за култура, редовно одржувана под покровителство на Претстедателот на државата и за која известуваат сите домашни и голем број релевантни странски медиуми. Како дел од светското културно наследство, оваа манифестација е од непроценливо значење за нашиот идентитет и култура. Понатаму, покажува нефер однос кон организаторите кои доставија детален протокол заедно со барањето за мислење доставено до Комисијата, во кој беше предвидено дека манифестацијата ќе се одржи без публика, со директно емитување во живо, со сосем ограничен број учесници (вкупно 90 од кои само 35 директни учесници во обичаите (чие учество ќе беше дозволено единствено со негативен Ковид тест и кои во ниту еден момент не се наоѓаат на исто место во исто време), а останатите се организатори, обезбедување и техничка поддршка, настанот ќе беше обезбеден од страна на професионална агенција за обезбедување, редари- волонтери и МВР, а Галичник ќе беше затворен за посетители. И покрај сите овие мерки, следејќи ги состојбите на дневна основа, Советот на МЗГ, крајно општествено одговорно, и сакајќи да придонесе кон јакнење на свеста кај населението, самостојно одлучи Галичката свадба да ја одложи. Потенцираме, оваа одлука МЗГ ја донесе самостојно, односно 2 дена пред да го добие негативното мислење од Комисијата за заразни болести, за што официјално ги извести медиумите. Понатаму, пртетсавникот на Комисијата истакнува дека за нив датумот на одржување не бил важен. Датумот и тоа како е важен! МЗГ се обрати до Комисијата со конкретно барање и предложен протокол за одржување на свадбата токму на Петровден. Сите веќе знаеме дека епидемиолошката сосотојба се менува секојдневно, а соодветно на тоа се менуваат и препораките и протоколите за однесување и за одржување на настани. Ние отсега не можеме да знаеме каква ќе биде состојбата и соодветно на тоа препораките за однесување на крајот на август. Во однос на одржувањето на Галичка свадба во август, МЗГ ќе одлучи еднакво одговорно како што одлучи и сега. Секако дека неодржувањето на Свадбата не е “трагедија” како што вели претставникот од Комисијата. Но, како и се’, и ова има и друга страна: одржувањето во адаптирана верзија ќе внесе позитивен дух, ќе укаже на можноста да продолжиме и со животот во адаптирана верзија, да продолжиме да живееме а сепак да бидеме безбедни. Е сега, имајќи го предвид сето горенаведено, како и негативното мислење на Комисијата во однос на одржувањето на оваа манифестација под толку строги протоколи, не може да не се прашаме, на што се должи од друга страна релаксирањето на мерките за работа на рестораните и плажите?! Исто така, Галичка свадба не е единствена манифестација чие одржување е одложено, а не целосно откажано. На пример: Струмичкиот карневал се одржа во скратено, прилагодено издание, театарскиот фестивал Војдан Чернодрински е неофицијално одложен за септември, Скопско лето се одржува под посебни протоколи, додека, од друга страна, одредени манифестации ќе се одржат, како на пример Охридско лето (каде ќе настапи Жељко Јоксимовиќ?!). Споредбата со Олимписките игри е несоодветна, а со изборниот процес – дегутантна. Ви укажуваме дека и насловите на дел од објавите создаваат погрешен впечаток во однос на ингеренциите на Комисијата за заразни болести. Имено, Комисијата не е надлежна да одобри или неодобри одржување на одреден настан. Таа е професионално тело кое прави стручна анализа и ја следи епидемиолошката сосотојба, врз основа на што дава препораки и мислења до оние кои од нив тоа го побарале. МЗГ немаше обврска да побара мислење од Комисијата за одржување на оваа манифестација, но сметавме дека е одговорно да се обратиме до најкомпетентните и да го добиеме нивното мислење. Ви стоиме на располагање за дополнителни појаснувања на оваа тема.
А, за да го релакситраме “тонот” на оваа дискусија, би сакале да Ве поздравиме со едно специјално видео во кое Биби ќе ви раскаже неколку работи за Галичник 🙂 Уживајте! https://www.youtube.com/watch?v=O-ffXZUsvG4
За галичката архитектура и за галичката куќа е пишувано многу од многубројни истражувачи, патописци, новинари, публицисти, уметници, архитекти, професори и сите без исклучок се воодушевувале од старата галичка куќа. Таа во надворешниот изглед изгледа естетски, рационално и одмерено, дело со највисоки архитектонски квалитети во македонската народна архитектура. За сите нив Галичник, галичката архитектура и пејзажот се едни од највозбудливите урбано-архитектонски содржини во Македонија со посебна изразна слика и со поетска димензија. И во таа нивна импресивност никој посебно не посветил подетално внимание за галичките влезни камени портали, за прозорските шамбрани и за богатството што е исконски вродено во креативниот дух на галичанецот.
Затоа мојот внатрешен довик ме натера со оваа кратка размисла и фотографски запис за камените влезни портали да ги додефинирам генезата и идентитетот на галичката куќа. Ова сакам да биде еден еден скромен придонес за македонската архитектонска култура, зашто Галичник со своите градби, поточно со нивното настанување, го надминува значењето на националните и на фолклорните рамки.
Порта од дворот на Алаутовци
Влезните камени портали со сигурност и денес воодушевуваат, инспирираат и поттикнуваат на размислување за универзалните и за трајните вредности на каменот и на архитектурата што се создава со него.
Како и секогаш, и на секој план, Галичник е прв и неповторлив, посебен и единствен, така и кога станува збор за ѕидната пластика и естетика на влезните камени портали, кои ги среќаваме како во импозантен број кај галичките куќи. Галичник закотвен во подножјето на живописниот камењар Говедарник има некоја посебна симболика, исто како и симболиката помеѓу галичката куќа и нејзините камени влезови.
Порта од куќата на Томовци
Стрмниот терен и висинaта на објектите го диктираат бројот на влезовите, кој се движи најмалку од два влеза, па сè до шест влеза, од кои повеќето се дефинирани со камени портали. Имено, во толкав број не може да се сретнат во ниедна друга населба во Македонија, па и пошироко. Ако Галичник во неговиот најголем градителски подем имал околу 800 куќи и ако земеме за просек секоја куќа да има по два главни влеза тогаш доаѓаме до една импресивна бројка од 1.600 камени портали составени од илјадници делкани камени греди, камени конзоли, полукружни завршетоци, вертикални носачи и прагови. Ова е импозантна бројка камени портали, кои се еднакво застапени не само кај галичката куќа, туку и кај црквите и кај другите јавни објекти. Кога би можеле сите изведени портали да ги поставиме еден до друг, би се добила една голема камена колонада со должина над 2,5 км.
Порта од куќата на Шулевци
Денес во Галичник сосема малку има останато од прекрасните камени кули и палати, како што ги нарекува галичките куќи мојот професор Петар Муличковски. Но сепак, за среќа, некои од сопствениците благодарение на нивната љубов кон Галичник и кон сопствените корени ги зачуваа своите дедовски огништа. Затоа денес галичаните и туристите што го посетуваат Галичник се воодушевуваат од архитектурата што останала, а со тоа и од мајсторството на влезните камени портали. Интересно е да се истакне дека камените портали остануваат и опстојуваат на сите временски влијанија и по половина век доколку не ги сруши и растури човечка рака. Така, на пример, со години му одолеваа на времето порталите на куќите на прочуените галички фамилии Алаутоски, Ажиески и Дукоски.
Големите камени блокови со кои се ѕидаат камените портали се изработени од рачно делкан камен од локалните камени мајдани во близината на Галичник. Обработката на каменот и клепањето се со рачни длета и со чекани од рацете на познатите каменоресци од Луково, Модрич и од Јабланица, а по идеја и по скици од познати галички градежници, како што се на пример таткото Стојан и синот Јордан Стојанчески.
Оформувањето на порталите е изведено крајно прецизно со мали отстапувања со минимум малтер од кал или со варов малтер и ретко, кај некои понови објекти (новата црква од 1931 година), со цементен малтер со фуги, кои речиси и не се забележуваат. Блоковите меѓусебно се поврзуваат и се зацврстуваат со ковани железни куки, кои не се гледаат на фасадата.
Во зависност од тоа какви влезни дрвени крила се обрабени, среќаваме камени портали што премостуваат и што обрабуваат еднокрилни и двокрилни врати со распони на камените греди и до 1,5 метар, а целиот портал и до 2 метра.
Спрема формата и содржината, во галичката куќа се среќаваат четири типа портали и тоа портали со полукружен завршеток, портали со правоаголни камени греди и камени конзоли, портали со правоаголни камени греди со камени конзоли и натсветло и портали со горен камен блок со неправилен закривен горен дел.
Порталите со полукружен завршеток може да бидат изведени со еден полукружен камен блок или со два или со три блока, како и вертикални блокови и хоризонтални камени блокови како прагови на влезовите. Покрај основните елементи, кај порталите се среќаваат разни натписи, симболи и пораки.
Бојата на камените портали, всушност, е природната боја на применетиот камен за ѕидање. Поточно бојата на влезните портали кореспондира со бојата на основниот кршен и делкан камен за изградба на галичката куќа и таа може да биде розова, сивкава, бела, синкава, сепија или боја на бигор.
Ако подетално се разгледуваат камените портали и камењата што го дооформуваат порталот, ќе наидеме на разни натписи, симболи и пораки, преку кои може да се идентификува населението што живее во Галичник. Така, најзастапен е основниот православен симбол – крстот, а кај некои објекти (пример на фамилијата Дукоски во Долно Маало) православниот симбол е дополнет со скратениците ИС (Исус) и ХР (Христос), со натписот БОЖЕ ПАЗИ, со годината на изградбата (1924 г.) како и со скратеници од името и од презимето на сопственикот (Б.С.Д.).
Исто така, се среќава православниот симбол со крстот и со полумесечината, со што се потврдуваат некои тези на научната јавност за допирите меѓу Мијаците, богомилското движење и богомилите.
Од натписите со презимињата и годините на изведба на објектот и на камениот портал дознаваме за националноста на сопственикот, така што кај некои објекти пишува, на пример, БРАЌА Д ФИЛИПОСКИ 1912 г. Од текстот се препознава дека станува збор за македонски јазик, кирилско писмо, македонски идентитет и тој е потврда дека сопствениците не ги прифаќале секогаш матичните евиденции водени на српски или на бугарски јазик во зависност од тоа под која власт се наоѓал Галичник.
Сличен пример среќаваме и кај камениот портал на објектот на познатата фамилија Чалоски, каде што стои натписот: „ОВОЈ ДОМ: Е СОГРАДЕН 1896“.
Кај камените портали често среќаваме и фамилијарни симболи и грбови, како птици, сончеви зраци, потковици (куќата на фамилијата Шулески), цветови како на пример шестолистот на влезниот портал од куќата на Кире Филипоски.
Да заклучам камените портали на влезните врати во галичките куќи кои личат на мали триумфални арки сами по себе се една посебна духовна приказна полна со симболи, божја светост, традиција, култура па и имагинација. Во пазувите на една несекојдневна архитектура тие ни го нудат духовното, радоста, тагата, восхитот, незаборавот.