Skip to content Skip to left sidebar Skip to footer

Галичка свадба 2023 – Galichnik wedding 2023

Статисти – Галичка свадба 2023

Се известуваат сите Галичани кои сакаат да учествуваат како статисти во Галичката свадба, дека е потребно облечени во галичка носија во сабота на 15.07.2023 година во период од 17.30 часот до 19.00 часот, да се пријават кај Евгенија Плачкоска внатре во црквата Св. Петар и Павле. На учесниците ќе им биде даден авторски договор за исплата на хонорари што ќе го потпишат во таа прилика. За поедноставување на постапката, ве охрабруваме вашите лични податоци (име, презиме и матичен број) и податоци за плаќање (број на трансакциска сметка и банка), да ги испратите однапред по мејл на mzgalichnik@gmail.com. Хонорарот изнесува 2.500 денари за возрасни и 1.500 денари за деца. Податоците за малолетните лица ги доставуваат родителите и треба да бидат дополнети со матичен број и трансакциска сметка на која ќе се изврши исплатата. Укажуваме дека статистите задолжително треба да носат ЧЕВЛИ (никако патики). Напоменуваме дека исплата ќе се направи само за целосно исполнета обврска, односно учество во манифестацијата во сабота и недела (15ти и 16ти) јули. Евиденција за учество ќе се води со пријавата во сабота, и со пријава за присуството во 8.30 часот во недела на истата локација (црквата), а присуство ќе се потврди со своерачен потпис на список за евиденција.

Одлука за избор на невеста и зет за Галичка свадба 2023

Драги галичани и љубители на Галичник,

Со голема радост Ви соопштуваме дека по објавениот конкурс за избор на невеста и зет на Галичка свадба 2023 година, советот на МЗГ го избра среќниот пар. Овогодишен зeт е Оливер Андреевски, со потекло од галичката фамилија Шулески, долгогодишен учесник на галичка свадба како и дел од организацијата на повеќе настани во Галичник, додека невестата е Елисавета Булоска со потекло од Охрид. Парот ги исполнува сите потребни услови за учество во галичката свадба.
Нека се вечно среќни и бериќетни, да се ќердосает! Годинава на венчавка, вгодина на крштевка!

За многу години да им е љубовта и среќата!

Конкурс за избор на зет и невеста за Галичка свадба 2023

Драги наши,

Со аирлија ги почнавме подготовките за Галичка свадба 2023!

И на годинешните зет и невеста ќе им го направиме денот незаборавен, притоа одржувајќи ги во живот и чувајќи ги од заборав нашите единствени обичаи! Ги каниме сите вљубени двојки кои решиле да стапнат на лудиот камен годинава, и кои сакаат да си дадат завет пред Бога за Петровден, најдоцна до 30.04.2023 да се пријават на mzgalichnik@gmail.com испраќајќи e-mail со назнака “За избор на зет и невеста”. Нека ни пишат некој збор зошто сакаат да бидат токму тие младоженците годинава и нека ни испратат фотографии.

Предност ќе имаат оние кандидати кои имаат:

  • Потекло од Галичник (двајцата или едниот),
  • Искуство во учество на Галичка свадба во друга улога,
  • Учество во активностите на Месната заедница,
  • Ова да им е прв црковен брак.

Одлуката за избор на зет и невеста ќе ја донесе Советот на Месната заедница Галичник и ќе ја објави најдоцна до 31.05.2023 на веб страницата на Галичник и на официјалниот ФБ профил на МЗ Галичник.

Шеесет години Галичка свадба! Традицијата продолжува!