Skip to content Skip to left sidebar Skip to footer

Culture

ГАЛИЧНИК ФИЛМ ФЕСТИВАЛ

Добрите вести брзо се шират, а оние за Галичник, уште побрзо! Пандемијата полека но сигурно ја сместуваме во фиока и со срце полно радост, заруменети образи од пролетното сонце и гради полни чист планински воздух ве известуваме дека ГАЛИЧНИК ФИЛМ ФЕСТИВАЛ е во потрага по соработници за своето 2-ро издание кое ќе се одржи 6 – 8 август 2021 во Галичник. Со нови сили до нови победи!Тимот се проширува со филмски ентузијасти од Галичник кои имаат претходно искуство и голема желба да нѝ се придружат на некоја од следните платени позиции:
Фотограф
Преведувач (титлување)
Асистент на продуцентот
Водител
Волонтери (3)
Обезбедување (2)
Грижа за фестивалските гости
Ве очекуваме со CV на galichnikfilmfestival@gmail.com

Избрани за зет и невеста на Галичка свадба

Нека е аирлија! Истрајни во желбата да бидат дел од традицијата, Филип Бундовски и Катерина Илиевска кои лани беа избрани за зет и невеста на Галичка свадба, годинава ќе ја крунисаат својата љубов во Галичник! Планирано е Галичката свадба да се одржи годинава од 16 до 18 јули, согласно протоколите за заштита и спречување на ширењето на Ковид 19 кои ќе се применуваат за организација на настани на отворено (и каде ќе дадеме и наш придонес). Да им е со среќа и да се вечни!

Галичка Свадба 2020 од Петровден одложена за 28 Август 2020 на големиот празник Пресвета Богородица

Велат, традицијата е обичен притисок од умрените врз живите. Ние, нашите претци си ги каниме на свадба.
Велат, традицијата е илузија на постојаност. Кај нас нема привид: сѐ дури ја имаме, живи сме и ние и нашите претци, тука се и тие што идат по нас.
Нашата потреба да ја одржиме традицијата е исконска, автентична. Нема притисок, има љубов. Во нашите обичаи нема привид, тие се живи, дишат со нас, ние со нив сраснати.
Времињата се менуваат, секое со своите предизвици. Годинава, соочени со предизвикот на Ковид-19, и во интерес на заштита на јавното здравје како врвен приоритет, Советот на Месна заедница Галичник одлучи одржувањето на Галичката свадба да го направи на вториот голем празник Пресвета Богородица односно на 28 август со надеж дека до тогаш ќе се создадат услови за целосна организација.
Разговаравме долго, го обезбедивме традиционалното покровителство на Свадбата од Претседателот на државата, се консултиравме со стручни лица од областа и со Комисијата за заразни болести, развивме сеопфатен протокол, но сфативме дека со оглед на моменталната епидемиолошка состојба, манифестацијата Галичка свадба не треба да се одржи на Петровден. Будно ќе ги следиме состојбите и препораките, и се надеваме дека Свадбата ќе ја одржиме наскоро. Прилагодувањето е одлика на умните и истрајните, на тоа нѐ учи и природата. Со одредени прилагодувања на секојдневието, тоа ќе врви, ќе може да ги правиме нештата кои ни го прават животот вреден за живеење, а болеста ќе има малку или никакви шанси да нѐ допре.
Смислата на свадбата е љубовта. Ако се обединиме околу неа, нема нешто што е невозможно.
За да сме живи здрави и на број (па и побројни!), да имаме свадби со сите салтанати, да си помогнеме.
И да успееме и да не успееме, ќа нѐ пишит и ќа нѐ кажувает.
Си ја зноеме работата! Свети Петар напомош!