Skip to content Skip to left sidebar Skip to footer

Галичка свадба 2025 – Galicnik wedding 2025

ВАЖНО!

КУЌЕН РЕД – Галичка свадба 2025

Почитувани галичани, учесници и посетители,

Во интерес на безбедно, достоинствено и непречено одвивање на манифестацијата Галичка свадба 2025, Ве замолуваме сите совесно да се придржувате до следниве правила:

1. Одлагање на отпад:

• Сите контејнери за отпад ќе бидат дислоцирани на паркингот зад хотел „Неда“;

• Камион на Јавното комунално претпријатие „Маврово“ ќе биде стациониран на патот кон Св. Петка – секој што има потреба да одложи отпад во текот на викендот, нека го направи тоа директно во овој камион.

2. Сообраќаен режим:

• Паркирањето е забрането на следните локации од 11 до 13 јули:

▪ Паркингот на Пеш

▪ Околу Црквата Св. Петар и Павле

▪ Упија

▪ Коловозот од Црквата до куќата од каде што се зема невестата

• Поради изведба на проби и местење на сцената се замолуваат посетителите да не паркираат коли на Упија во:

▪ Среда и Четврток од 16:00 часот до 23:00 часот

• Целосна забрана за сообраќај низ Галичник со моторни возила важи во следниве термини:

▪ Петок, 11 јули: од 20:30 до 01:00 часот (сабота наутро)

▪ Сабота, 12 јули: од 18:00 до 22:00 часот

▪ Недела, 13 јули: од 07:30 до 15:00 часот

• За време на забраните, паркирањето на возила е дозволено само покрај коловозот пред Селска ливада;

• Месна заедница Галичник обезбедува бесплатен превоз на релација Селска ливада – Галичник во недела;

• Сообраќајот може да биде затворен и надвор од наведените термини, доколку за тоа има потреба;

• Секој што ќе има потреба да го користи сопствениот автомобил во овие термини, треба да го паркира надвор од Галичник, освен за сопственици на имот во маалата Пеш, Гегоско и Бошнакоско;

• Непрописно паркирани возила ќе бидат отстранети со пајак возило, без исклучоци.

Ви благодариме однапред за разбирањето, соработката и заедничката грижа за успешна Галичка свадба 2025.

Со почит,

Месна заедница Галичник

Организациски одбор на Галичка свадба 2025

Избор на зет и невеста за Галичка Свадба 2025

Почитувани,

Со особена чест и задоволство ги објавуваме овогодинешните зет и невеста за Галичката свадба 2025 – Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска!

Јован, потомок на галичкото семејство Филипоски, уште како дете чекорел низ Галичник облечен во носија, сонувајќи еден ден да ја води свадбата. Од најрана возраст активно учествува во сите обичаи.

Неговата избраничка, Лилјана, веќе ја почувствувала магијата на Галичката свадба во 2022 година и ова лето ќе заигра во улогата на невеста – со срце полно љубов и почит кон традицијата.

Зетот и Невестата – Симбол на Љубовта и Традицијата

Во срцето на Галичник, под сенката на Бистра, секое лето љубовта добива посебна форма. Зетот и невестата не се само млад пар – тие се симболот на вековната традиција, на непрекинатото предание што низ генерации се пренесува со чест и гордост.



Тие чекорат низ Галичник не само како двајца вљубени, туку како чувари на обичајот. Секое движење, секој поглед, секоја песна – сè е длабоко вкоренето во духот на Галичник.

Манукот ја носи гордоста на предците, додека мануката со раскошната носија ја раскажува приказната за момичките од овие планински височини – достоинствени, вредни, горди и полни со љубов. Заедно, тие не се само пар – тие се огледало на Галичник.

Во нивниот поглед се препознаваат љубовта и ветувањето дека традицијата ќе продолжи. И токму затоа, секој што ќе ги види, не гледа само свадба – туку гледа историја што живее.

Да се ќердосает, од небо да им врне од земја да им никне!

Аирлија Галичка Свадба 2025!

Со почит,

Огнен Караѓозовски

Престедател

Месна заедница Галичник
www.galichnik.com.mk
image.png