Skip to content Skip to left sidebar Skip to footer

Зет и невеста – Галичка свадба 2022

Драги наши,
Многу сме радосни да Ве известиме дека Илчо Димитров и Елена Дуровска се зет и невеста на Галичка свадба 2022 која ќе се одржи на 15, 16 и 17 јули! Уште порадосни сме што интересот за учество меѓу младите е сè поголем и оваа година Советот на МЗГ имаше неблагодарна задача и голем предизвик да избере двојка од вкупно пет официјално пријавени двојки! Во рамки на првата селекција отпаднаа две од двојките поради тоа што не ги исполнуваа пропишаните критериуми, и останаа три кои ги исполнуваа во целост. На состанок на Советот на МЗГ одржан на 25 март, се донесе одлука дека единствено фер е избор на двојка по нивна среќа. Ги поканивме двојките, им ја објаснивме одлуката – сите другарски ја поддржаа. Невестите влечеа жреб на кој “плусот” го извлече Елена (после долго време човек да се израдува на “позитивен” резултат).
На свечената венчавка во рамки на Галичка свадба 2022, во црквата Свети Апостоли Петар и Павле ќе се венчаваат и Марко Бекриќ и Искра Блажевска, а на Владимир Черепналковски и Марија Крстевска ќе им помогнеме да се венчаат на Голема Богородица на 28 август!
Нека им е со среќа на сите и да се ќердосает!