Skip to content Skip to left sidebar Skip to footer

Галичка свадба 2023 – Galichnik wedding 2023

Одлука за избор на невеста и зет за Галичка свадба 2023

Драги галичани и љубители на Галичник,

Со голема радост Ви соопштуваме дека по објавениот конкурс за избор на невеста и зет на Галичка свадба 2023 година, советот на МЗГ го избра среќниот пар. Овогодишен зeт е Оливер Андреевски, со потекло од галичката фамилија Шулески, долгогодишен учесник на галичка свадба како и дел од организацијата на повеќе настани во Галичник, додека невестата е Елисавета Булоска со потекло од Охрид. Парот ги исполнува сите потребни услови за учество во галичката свадба.
Нека се вечно среќни и бериќетни, да се ќердосает! Годинава на венчавка, вгодина на крштевка!

За многу години да им е љубовта и среќата!

Конкурс за избор на зет и невеста за Галичка свадба 2023

Драги наши,

Со аирлија ги почнавме подготовките за Галичка свадба 2023!

И на годинешните зет и невеста ќе им го направиме денот незаборавен, притоа одржувајќи ги во живот и чувајќи ги од заборав нашите единствени обичаи! Ги каниме сите вљубени двојки кои решиле да стапнат на лудиот камен годинава, и кои сакаат да си дадат завет пред Бога за Петровден, најдоцна до 30.04.2023 да се пријават на mzgalichnik@gmail.com испраќајќи e-mail со назнака “За избор на зет и невеста”. Нека ни пишат некој збор зошто сакаат да бидат токму тие младоженците годинава и нека ни испратат фотографии.

Предност ќе имаат оние кандидати кои имаат:

  • Потекло од Галичник (двајцата или едниот),
  • Искуство во учество на Галичка свадба во друга улога,
  • Учество во активностите на Месната заедница,
  • Ова да им е прв црковен брак.

Одлуката за избор на зет и невеста ќе ја донесе Советот на Месната заедница Галичник и ќе ја објави најдоцна до 31.05.2023 на веб страницата на Галичник и на официјалниот ФБ профил на МЗ Галичник.

Шеесет години Галичка свадба! Традицијата продолжува!