Галичките камени портали
За галичката архитектура и за галичката куќа е пишувано многу од многубројни истражувачи, патописци, новинари, публицисти, уметници, архитекти, професори и сите без исклучок се воодушевувале од старата галичка куќа. Таа во надворешниот изглед изгледа естетски, рационално и одмерено, дело со највисоки архитектонски квалитети во македонската народна архитектура. За сите нив Галичник, галичката архитектура и пејзажот се едни од највозбудливите урбано-архитектонски содржини во Македонија со посебна изразна слика и со поетска димензија. И во таа нивна импресивност никој посебно не посветил подетално внимание за галичките влезни камени портали, за прозорските шамбрани и за богатството што е исконски вродено во креативниот дух на галичанецот.
Затоа мојот внатрешен довик ме натера со оваа кратка размисла и фотографски запис за камените влезни портали да ги додефинирам генезата и идентитетот на галичката куќа. Ова сакам да биде еден еден скромен придонес за македонската архитектонска култура, зашто Галичник со своите градби, поточно со нивното настанување, го надминува значењето на националните и на фолклорните рамки.
Влезните камени портали со сигурност и денес воодушевуваат, инспирираат и поттикнуваат на размислување за универзалните и за трајните вредности на каменот и на архитектурата што се создава со него.
Како и секогаш, и на секој план, Галичник е прв и неповторлив, посебен и единствен, така и кога станува збор за ѕидната пластика и естетика на влезните камени портали, кои ги среќаваме како во импозантен број кај галичките куќи. Галичник закотвен во подножјето на живописниот камењар Говедарник има некоја посебна симболика, исто како и симболиката помеѓу галичката куќа и нејзините камени влезови.
Стрмниот терен и висинaта на објектите го диктираат бројот на влезовите, кој се движи најмалку од два влеза, па сè до шест влеза, од кои повеќето се дефинирани со камени портали. Имено, во толкав број не може да се сретнат во ниедна друга населба во Македонија, па и пошироко. Ако Галичник во неговиот најголем градителски подем имал околу 800 куќи и ако земеме за просек секоја куќа да има по два главни влеза тогаш доаѓаме до една импресивна бројка од 1.600 камени портали составени од илјадници делкани камени греди, камени конзоли, полукружни завршетоци, вертикални носачи и прагови. Ова е импозантна бројка камени портали, кои се еднакво застапени не само кај галичката куќа, туку и кај црквите и кај другите јавни објекти. Кога би можеле сите изведени портали да ги поставиме еден до друг, би се добила една голема камена колонада со должина над 2,5 км.
Денес во Галичник сосема малку има останато од прекрасните камени кули и палати, како што ги нарекува галичките куќи мојот професор Петар Муличковски. Но сепак, за среќа, некои од сопствениците благодарение на нивната љубов кон Галичник и кон сопствените корени ги зачуваа своите дедовски огништа. Затоа денес галичаните и туристите што го посетуваат Галичник се воодушевуваат од архитектурата што останала, а со тоа и од мајсторството на влезните камени портали. Интересно е да се истакне дека камените портали остануваат и опстојуваат на сите временски влијанија и по половина век доколку не ги сруши и растури човечка рака. Така, на пример, со години му одолеваа на времето порталите на куќите на прочуените галички фамилии Алаутоски, Ажиески и Дукоски.
Големите камени блокови со кои се ѕидаат камените портали се изработени од рачно делкан камен од локалните камени мајдани во близината на Галичник. Обработката на каменот и клепањето се со рачни длета и со чекани од рацете на познатите каменоресци од Луково, Модрич и од Јабланица, а по идеја и по скици од познати галички градежници, како што се на пример таткото Стојан и синот Јордан Стојанчески.
Оформувањето на порталите е изведено крајно прецизно со мали отстапувања со минимум малтер од кал или со варов малтер и ретко, кај некои понови објекти (новата црква од 1931 година), со цементен малтер со фуги, кои речиси и не се забележуваат. Блоковите меѓусебно се поврзуваат и се зацврстуваат со ковани железни куки, кои не се гледаат на фасадата.
Во зависност од тоа какви влезни дрвени крила се обрабени, среќаваме камени портали што премостуваат и што обрабуваат еднокрилни и двокрилни врати со распони на камените греди и до 1,5 метар, а целиот портал и до 2 метра.
Спрема формата и содржината, во галичката куќа се среќаваат четири типа портали и тоа портали со полукружен завршеток, портали со правоаголни камени греди и камени конзоли, портали со правоаголни камени греди со камени конзоли и натсветло и портали со горен камен блок со неправилен закривен горен дел.
Порталите со полукружен завршеток може да бидат изведени со еден полукружен камен блок или со два или со три блока, како и вертикални блокови и хоризонтални камени блокови како прагови на влезовите. Покрај основните елементи, кај порталите се среќаваат разни натписи, симболи и пораки.
Бојата на камените портали, всушност, е природната боја на применетиот камен за ѕидање. Поточно бојата на влезните портали кореспондира со бојата на основниот кршен и делкан камен за изградба на галичката куќа и таа може да биде розова, сивкава, бела, синкава, сепија или боја на бигор.
Ако подетално се разгледуваат камените портали и камењата што го дооформуваат порталот, ќе наидеме на разни натписи, симболи и пораки, преку кои може да се идентификува населението што живее во Галичник. Така, најзастапен е основниот православен симбол – крстот, а кај некои објекти (пример на фамилијата Дукоски во Долно Маало) православниот симбол е дополнет со скратениците ИС (Исус) и ХР (Христос), со натписот БОЖЕ ПАЗИ, со годината на изградбата (1924 г.) како и со скратеници од името и од презимето на сопственикот (Б.С.Д.).
Исто така, се среќава православниот симбол со крстот и со полумесечината, со што се потврдуваат некои тези на научната јавност за допирите меѓу Мијаците, богомилското движење и богомилите.
Од натписите со презимињата и годините на изведба на објектот и на камениот портал дознаваме за националноста на сопственикот, така што кај некои објекти пишува, на пример, БРАЌА Д ФИЛИПОСКИ 1912 г. Од текстот се препознава дека станува збор за македонски јазик, кирилско писмо, македонски идентитет и тој е потврда дека сопствениците не ги прифаќале секогаш матичните евиденции водени на српски или на бугарски јазик во зависност од тоа под која власт се наоѓал Галичник.
Сличен пример среќаваме и кај камениот портал на објектот на познатата фамилија Чалоски, каде што стои натписот: „ОВОЈ ДОМ: Е СОГРАДЕН 1896“.
Кај камените портали често среќаваме и фамилијарни симболи и грбови, како птици, сончеви зраци, потковици (куќата на фамилијата Шулески), цветови како на пример шестолистот на влезниот портал од куќата на Кире Филипоски.
Да заклучам камените портали на влезните врати во галичките куќи кои личат на мали триумфални арки сами по себе се една посебна духовна приказна полна со симболи, божја светост, традиција, култура па и имагинација. Во пазувите на една несекојдневна архитектура тие ни го нудат духовното, радоста, тагата, восхитот, незаборавот.
Автор: Косто ГРАОРКОВСКИ, дипл.инж.арх.