Галичник Филм Фестивал полека, но сигурно станува значајна платформа за филмаџиите и љубителите на филмот, привлекувајќи учесници и гледачи од земјата, регионот и пошироко.
На овогодинешниот, 4-ти по ред Галичник Филм Фестивал, ќе бидат прикажани 33 краткометражни филмови во 3 натпреварувачки категории, како и ревијалниот долгометражен филм „Нешто слатко“ со Сашко Коцев и Јелена Јованова во главните улоги, што ќе биде прикажан на затворањето на фестивалот.
Дејан Дуковски ќе ја предводи Балканската сценаристичка работилница, а на Андреј Волкашин ќе му припадне Мастер класот за разработување на ТВ серии.Овогодинешното жири на Галичник Филм Фестивал го сочинуваат Сашко Коцев, Георги Унковски и Елена Станишева.
Би сакале да Ве известиме дека Месна заедница Галичник повеќе пати сосем официјално се обраќа до Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство и до Државниот инспекторат за ловство укажувајќи на растечкиот проблем со присуство на мечки во Галичник. Дописи се доставени преку архивите на двете институции во 2019 и 2020 година, а минатата недела се обративме на службениот мејл на Инспекторатот. Апелираме надлежните да дејствуваат и да дадат насоки на локалното население. Одомаќинети диви животни во населени места претставуваат голема опасност за населението.
Заради непречено и безбедно одржување на Галичка свадба, апелираме до сите учесници, посетители и галичани да се придржуваат до овие правила и да ни помогнат во непречено и беспрекорно организирање на настанот.
1. Одлагање отпад:
– Сите контејнери и кафези за одлагање отпад ќе се дислоцираат на паркингот позади хотел Неда. Камион на Јавното комунално препријатие Маврово ќе биде паркиран на патот кон Света Петка и ако некому му е неопходно за време на викендот да одложи отпад, ќе треба да го стори тоа директно во камион;
2. Сообраќаен режим:
– Паркирање на паркингот на Пеш, околу Црквата Свети Петар и Павле, на Упија, на коловоз од Црквата Свети Петар и Павле до куќата на Лукановци од каде ќе се земе невестата НЕ Е ДОЗВОЛЕНО во ниту еден момент од 14ти до 16ти јули;
– Сообраќајот со моторни возила низ Галичник во ПЕТОК, 14ти јули ќе биде забранет од 20:00 часот, па до 01.00 часот по полноќ;
– Сообраќајот со моторни возила низ Галичник во САБОТА, 15ти јули ќе биде забранет од 18.00 до 22.00 часот;
– Сообраќајот со моторни возила низ Галичник во НЕДЕЛА, 16ти јули ќе биде забранет од 7.30 до 15.00 часот.
– Во термините во кои е забранет сообраќај, паркирањето на автомобили кои ќе доаѓаат кон Галичник ќе биде покрај коловозот пред Селска ливада;
– Месна заедница Галичник обезбедува слободен превоз на посетителите во сабота и во недела на релација Селска ливада – Галичник.
– Сообраќајот може да биде затворен и надвор од овие термини ако за тоа се утврди дека има потреба;
– Оној кој ќе има потреба од сопствениот автомобил во овие термини, автомобилот треба да го паркира надвор од Галичник, освен сопствениците на имот на Пеш, Гегоско и Бошнакоско маало;
– Непрописно паркираните возила (паркирани спротивно на овие правила), ќе бидат отстранети со помош на специјално возило – пајак.
Однапред благодариме за разбирањето и соработката.
Се известуваат сите Галичани кои сакаат да учествуваат како статисти во Галичката свадба, дека е потребно облечени во галичка носија во сабота на 15.07.2023 година во период од 17.30 часот до 19.00 часот, да се пријават кај Евгенија Плачкоска внатре во црквата Св. Петар и Павле. На учесниците ќе им биде даден авторски договор за исплата на хонорари што ќе го потпишат во таа прилика. За поедноставување на постапката, ве охрабруваме вашите лични податоци (име, презиме и матичен број) и податоци за плаќање (број на трансакциска сметка и банка), да ги испратите однапред по мејл на mzgalichnik@gmail.com. Хонорарот изнесува 2.500 денари за возрасни и 1.500 денари за деца. Податоците за малолетните лица ги доставуваат родителите и треба да бидат дополнети со матичен број и трансакциска сметка на која ќе се изврши исплатата. Укажуваме дека статистите задолжително треба да носат ЧЕВЛИ (никако патики). Напоменуваме дека исплата ќе се направи само за целосно исполнета обврска, односно учество во манифестацијата во сабота и недела (15ти и 16ти) јули. Евиденција за учество ќе се води со пријавата во сабота, и со пријава за присуството во 8.30 часот во недела на истата локација (црквата), а присуство ќе се потврди со своерачен потпис на список за евиденција.