Би сакале да Ве известиме дека Месна заедница Галичник повеќе пати сосем официјално се обраќа до Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство и до Државниот инспекторат за ловство укажувајќи на растечкиот проблем со присуство на мечки во Галичник. Дописи се доставени преку архивите на двете институции во 2019 и 2020 година, а минатата недела се обративме на службениот мејл на Инспекторатот. Апелираме надлежните да дејствуваат и да дадат насоки на локалното население. Одомаќинети диви животни во населени места претставуваат голема опасност за населението.
Заради непречено и безбедно одржување на Галичка свадба, апелираме до сите учесници, посетители и галичани да се придржуваат до овие правила и да ни помогнат во непречено и беспрекорно организирање на настанот.
1. Одлагање отпад:
– Сите контејнери и кафези за одлагање отпад ќе се дислоцираат на паркингот позади хотел Неда. Камион на Јавното комунално препријатие Маврово ќе биде паркиран на патот кон Света Петка и ако некому му е неопходно за време на викендот да одложи отпад, ќе треба да го стори тоа директно во камион;
2. Сообраќаен режим:
– Паркирање на паркингот на Пеш, околу Црквата Свети Петар и Павле, на Упија, на коловоз од Црквата Свети Петар и Павле до куќата на Лукановци од каде ќе се земе невестата НЕ Е ДОЗВОЛЕНО во ниту еден момент од 14ти до 16ти јули;
– Сообраќајот со моторни возила низ Галичник во ПЕТОК, 14ти јули ќе биде забранет од 20:00 часот, па до 01.00 часот по полноќ;
– Сообраќајот со моторни возила низ Галичник во САБОТА, 15ти јули ќе биде забранет од 18.00 до 22.00 часот;
– Сообраќајот со моторни возила низ Галичник во НЕДЕЛА, 16ти јули ќе биде забранет од 7.30 до 15.00 часот.
– Во термините во кои е забранет сообраќај, паркирањето на автомобили кои ќе доаѓаат кон Галичник ќе биде покрај коловозот пред Селска ливада;
– Месна заедница Галичник обезбедува слободен превоз на посетителите во сабота и во недела на релација Селска ливада – Галичник.
– Сообраќајот може да биде затворен и надвор од овие термини ако за тоа се утврди дека има потреба;
– Оној кој ќе има потреба од сопствениот автомобил во овие термини, автомобилот треба да го паркира надвор од Галичник, освен сопствениците на имот на Пеш, Гегоско и Бошнакоско маало;
– Непрописно паркираните возила (паркирани спротивно на овие правила), ќе бидат отстранети со помош на специјално возило – пајак.
Однапред благодариме за разбирањето и соработката.
Се известуваат сите Галичани кои сакаат да учествуваат како статисти во Галичката свадба, дека е потребно облечени во галичка носија во сабота на 15.07.2023 година во период од 17.30 часот до 19.00 часот, да се пријават кај Евгенија Плачкоска внатре во црквата Св. Петар и Павле. На учесниците ќе им биде даден авторски договор за исплата на хонорари што ќе го потпишат во таа прилика. За поедноставување на постапката, ве охрабруваме вашите лични податоци (име, презиме и матичен број) и податоци за плаќање (број на трансакциска сметка и банка), да ги испратите однапред по мејл на mzgalichnik@gmail.com. Хонорарот изнесува 2.500 денари за возрасни и 1.500 денари за деца. Податоците за малолетните лица ги доставуваат родителите и треба да бидат дополнети со матичен број и трансакциска сметка на која ќе се изврши исплатата. Укажуваме дека статистите задолжително треба да носат ЧЕВЛИ (никако патики). Напоменуваме дека исплата ќе се направи само за целосно исполнета обврска, односно учество во манифестацијата во сабота и недела (15ти и 16ти) јули. Евиденција за учество ќе се води со пријавата во сабота, и со пријава за присуството во 8.30 часот во недела на истата локација (црквата), а присуство ќе се потврди со своерачен потпис на список за евиденција.
Со голема радост Ви соопштуваме дека по објавениот конкурс за избор на невеста и зет на Галичка свадба 2023 година, советот на МЗГ го избра среќниот пар. Овогодишен зeт е Оливер Андреевски, со потекло од галичката фамилија Шулески, долгогодишен учесник на галичка свадба како и дел од организацијата на повеќе настани во Галичник, додека невестата е Елисавета Булоска со потекло од Охрид. Парот ги исполнува сите потребни услови за учество во галичката свадба. Нека се вечно среќни и бериќетни, да се ќердосает! Годинава на венчавка, вгодина на крштевка!
Со аирлија ги почнавме подготовките за Галичка свадба 2023!
И на годинешните зет и невеста ќе им го направиме денот незаборавен, притоа одржувајќи ги во живот и чувајќи ги од заборав нашите единствени обичаи! Ги каниме сите вљубени двојки кои решиле да стапнат на лудиот камен годинава, и кои сакаат да си дадат завет пред Бога за Петровден, најдоцна до 30.04.2023 да се пријават на mzgalichnik@gmail.com испраќајќи e-mail со назнака “За избор на зет и невеста”. Нека ни пишат некој збор зошто сакаат да бидат токму тие младоженците годинава и нека ни испратат фотографии.
Предност ќе имаат оние кандидати кои имаат:
Потекло од Галичник (двајцата или едниот),
Искуство во учество на Галичка свадба во друга улога,
Учество во активностите на Месната заедница,
Ова да им е прв црковен брак.
Одлуката за избор на зет и невеста ќе ја донесе Советот на Месната заедница Галичник и ќе ја објави најдоцна до 31.05.2023 на веб страницата на Галичник и на официјалниот ФБ профил на МЗ Галичник.
Шеесет години Галичка свадба! Традицијата продолжува!
Се известуваат сите Галичани кои сакат да учествуваат како статисти во Галичката свадба, дека е потребно облечени во галичка носија во сабота на 17.07.2021 година во период од 17.30 часот до 19:30 часот, да се пријават кај Јана Дуковска внатре во црквата Св. Петар и Павле. На учесниците ќе им биде даден авторски договор за исплата на хонорари кој ќе го потпишат во таа прилика. За поедноставување на постапката, ве охрабруваме вашите лични податоци (име, презиме и матичен број) и податоци за плаќање (број на трансакциска сметка и банка), да ги испратите однапред по мејл на janaduko@gmail.com. Хонорарот изнесува 2000 денари за возрасни и 1500 денари за деца. Укажуваме дека статистите задолжително треба да носат ЧЕВЛИ (никако патики). Напоменуваме дека исплата ќе се направи само за целосно исполнета обврска, односно учество во манифестацијата во сабота и недела (17ти и 18ти) јули. Евиденција за учество ќе се води со пријавата во сабота, и со пријава на присуството во недела на истата локација (црквата), а присуство ќе се потврди со своерачен потпис на список за евиденција.
Повторно дојде времето да се постави мостот меѓу минатото, сегашноста и иднината. Создавајќи магија во која времето и не игра којзнае каква улога, да ги оживееме обичаите, да ги исткаеме метафизичките конци протегнати од исконот, да го збуниме разумот заматувајќи ги границите меѓу реалното и надреалното, да ги разбудиме сите сетила. Среќни што годинава можеме тоа да го направиме, среќни што сме овде, што сме здрави, и сеќавајќи се на оние кои ги изгубивме патем во тешката година што измина, и кои и покрај тоа ќе бидат со нас, поканети, присутни… Со особена чест, токму на денешен ден, објавуваме дека под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски / Stevo Pendarovski, и со помош на нашите пријатели и поддржувачи, од 16-ти до 18-ти јули, ќе се одржи 47мото издание на културната манифестација Галичка свадба 2021! Благодарност за покровителството и за поддршката од спонзорите.