Skip to content Skip to left sidebar Skip to footer

Новости

ГАЛИЧНИК ФИЛМ ФЕСТИВАЛ

Добрите вести брзо се шират, а оние за Галичник, уште побрзо! Пандемијата полека но сигурно ја сместуваме во фиока и со срце полно радост, заруменети образи од пролетното сонце и гради полни чист планински воздух ве известуваме дека ГАЛИЧНИК ФИЛМ ФЕСТИВАЛ е во потрага по соработници за своето 2-ро издание кое ќе се одржи 6 – 8 август 2021 во Галичник. Со нови сили до нови победи!Тимот се проширува со филмски ентузијасти од Галичник кои имаат претходно искуство и голема желба да нѝ се придружат на некоја од следните платени позиции:
Фотограф
Преведувач (титлување)
Асистент на продуцентот
Водител
Волонтери (3)
Обезбедување (2)
Грижа за фестивалските гости
Ве очекуваме со CV на galichnikfilmfestival@gmail.com

Избрани за зет и невеста на Галичка свадба

Нека е аирлија! Истрајни во желбата да бидат дел од традицијата, Филип Бундовски и Катерина Илиевска кои лани беа избрани за зет и невеста на Галичка свадба, годинава ќе ја крунисаат својата љубов во Галичник! Планирано е Галичката свадба да се одржи годинава од 16 до 18 јули, согласно протоколите за заштита и спречување на ширењето на Ковид 19 кои ќе се применуваат за организација на настани на отворено (и каде ќе дадеме и наш придонес). Да им е со среќа и да се вечни!

Правила за Изборите 2021 за Совет на МЗГ

Почитувани сограѓани, Сакам да ви ги појаснам правилата на гласање што ќе се одржи во недела и понеделник, 28 и 29.03.2021 година. Со претставници од двете кандидатски листи е договорено:

1. Гласачкото ливче покрај меморандум на МЗГ да има печат и потпис на ДКС

2. По електронска пошта може да гласаат: – Гласачи кои се жители на Скопје, а на денот на гласање се во Галичник. – Гласачи кои се жители на други населени места, освен град Скопје и општините кои се во склоп на град Скопје. – Гласачи кои се во изолација поради Ковид-19 со прилог на решение за изолација. – Гласачи кои се на боледување или се со здравствени проблеми, а се жители на Скопје со прилог на документ за спреченост. – Гласачи кои се во ризична група – постари од 70 години. – За сите кои ќе гласаат, а не се во ниедна од претходните групи наведени погоре, нивниот глас нема да се брои.

3. Гласањето ќе го спроведе комисија составена од претставници делегирани од двете кандидатски листи, секој гласач треба да биде евидентиран во Списокот на гласачи кој ќе се води на избирачкото место, списоците на гласачи од гласањето по електронска пошта и од гласањето на лице место, како и резултатите од гласањето ќе бидат јавно објавени. Секој потенцијален гласач по електронска пошта сам одлучува дали ќе го користи правото на гласање, заради заштита на личните податоци, комисијата за спроведување на изборите материјалите од електронското гласање ќе ги уништи по конечно објавување на резултатите од гласањето.

4. Секој гласач покрај веќе споменатите докази, треба да има и доказ – доколку е потребно – дека е со право на глас, стекнато по наследство, брак или раѓање.

5. Во комисијата за избор ќе има и претставници на Општина Маврово и Ростуше. Сите кои ќе го искористат правото на гласање со физичко присуство треба да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид 19.

Претседател на изборна комисија Достана Караѓозоска Станковска с.р.

ИЗБОРИ 2021

Почитувани,

На претстојните избори за Советот на Месна заедница Галичник, кои ќе се одржат на 29.03.2021 година (понеделник), со свои кандидатски листи ќе настапат следните групи:

————————————————————

Кандидатска листа со број 1

  1. Весна Ванковска
  2. Жарко Кржалоски
  3. Војче Филипоски
  4. Андреј Цинцароски
  5. Иван Чангоски
  6. Гоце Божиновски (Луканоски)
  7. Бране Лепчески
  8. Гоце Пендароски
  9. Горан Мелоски
  10. Милутин Чалчески
  11. Давор Ажиески
  12. Симона Александровска  (Јуруковска)

————————————————————

Кандидатска листа со број 2

  1. Александар Костиќ (Мандичевски)
  2. Александар Филиповски
  3. Ана Колевска (Черепналкоска)
  4. Ана Сариевска (Ажиеска)
  5. Васко Величковски (Гегоски)
  6. Викторија Жикоска
  7. Гордана Бекриќ (Луканоска)  
  8. Дејан Дуковски
  9. Ѓорѓи Чичаров (Луканоски)
  10. Марко Бислимоски
  11. Марко Филиповски
  12. Миле Бошњаковски
  13. Павле Камилоски

Ве молиме да гласате со заокружување на бројот на листата за која сакате да гласате на гласачкото ливче кое ќе ви биде врачено на гласачкото место.

Оние кои се пријавија да гласаат по електронски пат треба во електронската порака која ќе ја испратат да го наведат бројот на кандидатската листа за која го даваат својот глас.

МЗ Галичник, Програма за 2021-2025

Драги наши Галичани, во овој документ ќе ги изложиме идеите за развој на нашиот Галичник во период од наредниве четири години со цел на сите да ни овозможи да го користиме севкупниот потенцијал на нашата дома без да имаме проблеми од било кој вид кои би го попречувале нашиот престој.

Со овој документ ја бараме Вашата поддршка на изборите за Совет на Месна заедница Галичник. Веруваме дека имаме потенцијал и капацитет да почнеме со реализација на овие идеи и план, и дел од нив и да ги завршиме во рамките на нашиот мандат.

Несомнено дел од плановите се стратешки и потребни ќе бидат повеќе години за реализација, но не се сомневаме во новите генерации од Галичник, кои се надеваме во годините пред нас ќе ги затворат сите отворени прашања на нашата заедница.

За ова, но и за постигнатите резултати во изминативе 4 години можете да прочитате повеќе во документот „Извештај за работата на МЗ Галичник – 2017 – 2021“.

Најголем проблем за функционирањето на нашата заедница претставува одржливоста на Месната заедница односно нејзино целосно, да речеме, институционализирање и ставање во погон преку решавање на правниот статус и јасни и мерливи правила за функционирање, со цел да се искористат сите можности кои ги нуди државата. Со оваа програма нудиме решение и за тој горлив проблем.

Целосната „Програма 2021-2025“ можете да ја преземете тука.

Во продолжение имињата на предложениот Совет на Месна заедница Галичник:

  1. Александар Костиќ (Мандичевски)
  2. Александар Филиповски
  3. Ана Колевска (Черепналкоска)
  4. Ана Сариевска (Ажиеска)
  5. Васко Величковски (Гегоски)
  6. Викторија Жикоска
  7. Гордана Бекриќ (Луканоска)  
  8. Дејан Дуковски
  9. Ѓорѓи Чичаров (Луканоски)
  10. Марко Бислимоски
  11. Марко Филиповски
  12. Миле Бошњаковски
  13. Павле Камилоски

Извештај за работењето на Советот на МЗ Галичник 2017-2021

Во периодот од март 2017 до март 2021 година, Советот на месната заедница Галичник посветено работеше и преземаше активности за надминување и решавање на наталожените проблеми од минатите години, а особено за остварување на следниве цели:

  • Зголемување на бројот на постојани жители во Галичник и зголемување на  престојот на сопствениците на имот, како и поттикнување на реконструкција на постојните имоти,
  • Подобрување на квалитетот на животот и престојот во Галичник,
  • Зголемување на бројот на стопански субјекти од областа на алтернативниот туризам и угостителските и сместувачки капацитети, 
  • Подобрување на инфраструктурата (патна, електрична, водоводна, и да се реконструираат објекти кои се во функција на Галичник),
  • Зголемување на бројот на странски и домашни туристи,
  • Подигнување на еколошката свест и зачувување на животната средина,
  • Промовирање на Галичката свадба и останатите содржини што ги нуди Галичник низ целиот свет.

МЗ Галичник учествуваше во програма Унапредување на општинското владеење организирана од страна УНДП и Министерство за локлна самоуправа како и канцеларијата на Европска комисија, каде зеде активно учество во дискусија и во однос на предлози за подобрување на законските решенија од областа на локалната самоуправа. МЗ Галичник на овие настани беше секогаш посочен како одличен пример за функционална организација. Идејата на тркалезните маси беше токму изнаоѓање на модалитет и форма за утврдување на идеалниот правен статус на МЗ кој би бил од интерес за целата заедница.

Детален извештај може да се види на следниот линк

ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ

Се известуваат сите галичани кои имаат имот во Галичник дека Советот на Месната заедница Галичник на седницата одржана онлајн на 15 март 2021 година донесе заклучок за спроведување избори за нов совет на Месната заедница.
Изборот на новиот совет на Месната заедница ќе се одржи на 29 март 2021 година (понеделник) во просториите на Домот на култура (старото кино) во Ѓорче Петров во периодот од 7 до 19 часот.
Гласањето ќе биде тајно со заокружување на редниот број што ќе го носат предложените листи за Совет на МЗГ. Редните броеви на листите ќе бидат утврдени по пат на жрепка. Идентитетот на гласачите ќе се утврдува со лична карта.
При гласањето ќе се почитуваат сите протоколи во услови на пандемијата од Ковид 19 донесени од Комисијата за заразни болести.
Истовремено ве известуваме дека, по претходна најава, во недела на 28 март  2021 година до 19 часот, ќе биде овозможено и гласање на електронската пошта на МЗГ mzgalichnik@gmail.com само за оние галичани кои во моментот на гласањето се наоѓаат во Галичник, во странство или од оправдани здравствени причини не се во можност физички да присуствуваат, со прилог скен од пасош или лична карта.
Процесот на гласање ќе го спроведе комисија која ќе биде составена од претставници на предложените листи и галичани кои веќе учествувале во спроведување на локалните, парламентарните или претседателските избори.
Ги повикуваме сите заинтересирани галичани, лично или електронски на mzgalichnik@gmail.com, најдоцна до 25 март 2021 (четврток) да достават предлог листи за членови на Совет на МЗГ и предлог на лица кои ќе бидат присутни при спроведување на процесот на гласање. Листата треба да брои од седум до тринаесет лица.
Од овој момент па се до 27 март 2021 (сабота) алатките за комуникација на МЗГ како што се веб страната и ФБ страната на МЗГ ќе бидат достапни за објавување на содржини во функција на изборот на совет на сите предложени листи за Совет на МЗГ.


15 март 2021 година,

Александар Костиќ

претседател на Месна заедница Галичник

Pеконструкција и асфалтирање на патниот правец Маврово – Галичник

Јавното претпријатие за државни патишта деновиве ги приврши градежните работи на свлечиштето на патот Маврово – Галичник. Наредната недела, Македонија пат ќе почне со асфалтирање на целиот патен правец Маврово – Галичник, што ќе предизвика прекин на сообраќајот од по повеќе часа дневно. Тековно ќе информираме за состојбата и одвивањето на сообраќајот.
Средствата за зафатите за реконструкција и асфалтирање се обезбедени преку Јавното претпријатие за државни патишта и претставуваат прв посериозен зафат на патот од 1973 година кога е ревитализиран Галичник.

РЕАКЦИЈА ОД МЗ ГАЛИЧНИК: Галичка свадба не е масовен семеен настан, туку културна манифестација од национален интерес

Почитувани, Би сакале да реагираме на објавата на дел од медиумите, во која се цитира став на член на Комисијата за заразни болести во врска со одржувањето на културната манифестација Галичка свадба. Изјавата на членот на Комисијата е проблематична од неколку аспекти. Пред се’, одржувањето на оваа културна манифестација го споредува со одржување “свадби и други масовни собирања”, што укажува на елементарно непознавање на тоа што оваа културна манифестација претставува. Галичка свадба не е масовен семеен настан, туку културна манифестација од национален интерес, влезена како таква во програмата на Министерството за култура, редовно одржувана под покровителство на Претстедателот на државата и за која известуваат сите домашни и голем број релевантни странски медиуми. Како дел од светското културно наследство, оваа манифестација е од непроценливо значење за нашиот идентитет и култура. Понатаму, покажува нефер однос кон организаторите кои доставија детален протокол заедно со барањето за мислење доставено до Комисијата, во кој беше предвидено дека манифестацијата ќе се одржи без публика, со директно емитување во живо, со сосем ограничен број учесници (вкупно 90 од кои само 35 директни учесници во обичаите (чие учество ќе беше дозволено единствено со негативен Ковид тест и кои во ниту еден момент не се наоѓаат на исто место во исто време), а останатите се организатори, обезбедување и техничка поддршка, настанот ќе беше обезбеден од страна на професионална агенција за обезбедување, редари- волонтери и МВР, а Галичник ќе беше затворен за посетители. И покрај сите овие мерки, следејќи ги состојбите на дневна основа, Советот на МЗГ, крајно општествено одговорно, и сакајќи да придонесе кон јакнење на свеста кај населението, самостојно одлучи Галичката свадба да ја одложи. Потенцираме, оваа одлука МЗГ ја донесе самостојно, односно 2 дена пред да го добие негативното мислење од Комисијата за заразни болести, за што официјално ги извести медиумите. Понатаму, пртетсавникот на Комисијата истакнува дека за нив датумот на одржување не бил важен. Датумот и тоа како е важен! МЗГ се обрати до Комисијата со конкретно барање и предложен протокол за одржување на свадбата токму на Петровден. Сите веќе знаеме дека епидемиолошката сосотојба се менува секојдневно, а соодветно на тоа се менуваат и препораките и протоколите за однесување и за одржување на настани. Ние отсега не можеме да знаеме каква ќе биде состојбата и соодветно на тоа препораките за однесување на крајот на август. Во однос на одржувањето на Галичка свадба во август, МЗГ ќе одлучи еднакво одговорно како што одлучи и сега. Секако дека неодржувањето на Свадбата не е “трагедија” како што вели претставникот од Комисијата. Но, како и се’, и ова има и друга страна: одржувањето во адаптирана верзија ќе внесе позитивен дух, ќе укаже на можноста да продолжиме и со животот во адаптирана верзија, да продолжиме да живееме а сепак да бидеме безбедни. Е сега, имајќи го предвид сето горенаведено, како и негативното мислење на Комисијата во однос на одржувањето на оваа манифестација под толку строги протоколи, не може да не се прашаме, на што се должи од друга страна релаксирањето на мерките за работа на рестораните и плажите?! Исто така, Галичка свадба не е единствена манифестација чие одржување е одложено, а не целосно откажано. На пример: Струмичкиот карневал се одржа во скратено, прилагодено издание, театарскиот фестивал Војдан Чернодрински е неофицијално одложен за септември, Скопско лето се одржува под посебни протоколи, додека, од друга страна, одредени манифестации ќе се одржат, како на пример Охридско лето (каде ќе настапи Жељко Јоксимовиќ?!). Споредбата со Олимписките игри е несоодветна, а со изборниот процес – дегутантна.  Ви укажуваме дека и насловите на дел од објавите создаваат погрешен впечаток во однос на ингеренциите на Комисијата за заразни болести. Имено, Комисијата не е надлежна да одобри или неодобри одржување на одреден настан. Таа е професионално тело кое прави стручна анализа и ја следи епидемиолошката сосотојба, врз основа на што дава препораки и мислења до оние кои од нив тоа го побарале. 
МЗГ немаше обврска да побара мислење од Комисијата за одржување на оваа манифестација, но сметавме дека е одговорно да се обратиме до најкомпетентните и да го добиеме нивното мислење.  Ви стоиме на располагање за дополнителни појаснувања на оваа тема. 

Поводот е одговор на следново: https://faktor.mk/komisija-za-zarazni-bolesti-ne-e-odobreno-odrzuvanjeto-na-galichka-svadba-najgolem-problem-napravija-svadbite?fbclid=IwAR2a8PGxJ98ZBtHV62F6EyveXUNgIYvDZDJ0XWZCfOp46lywI10tBYjX2Tg


А, за да го релакситраме “тонот” на оваа дискусија, би сакале да Ве поздравиме со едно специјално видео во кое Биби ќе ви раскаже неколку работи за Галичник 🙂 Уживајте! https://www.youtube.com/watch?v=O-ffXZUsvG4

Галичка Свадба 2020 од Петровден одложена за 28 Август 2020 на големиот празник Пресвета Богородица

Велат, традицијата е обичен притисок од умрените врз живите. Ние, нашите претци си ги каниме на свадба.
Велат, традицијата е илузија на постојаност. Кај нас нема привид: сѐ дури ја имаме, живи сме и ние и нашите претци, тука се и тие што идат по нас.
Нашата потреба да ја одржиме традицијата е исконска, автентична. Нема притисок, има љубов. Во нашите обичаи нема привид, тие се живи, дишат со нас, ние со нив сраснати.
Времињата се менуваат, секое со своите предизвици. Годинава, соочени со предизвикот на Ковид-19, и во интерес на заштита на јавното здравје како врвен приоритет, Советот на Месна заедница Галичник одлучи одржувањето на Галичката свадба да го направи на вториот голем празник Пресвета Богородица односно на 28 август со надеж дека до тогаш ќе се создадат услови за целосна организација.
Разговаравме долго, го обезбедивме традиционалното покровителство на Свадбата од Претседателот на државата, се консултиравме со стручни лица од областа и со Комисијата за заразни болести, развивме сеопфатен протокол, но сфативме дека со оглед на моменталната епидемиолошка состојба, манифестацијата Галичка свадба не треба да се одржи на Петровден. Будно ќе ги следиме состојбите и препораките, и се надеваме дека Свадбата ќе ја одржиме наскоро. Прилагодувањето е одлика на умните и истрајните, на тоа нѐ учи и природата. Со одредени прилагодувања на секојдневието, тоа ќе врви, ќе може да ги правиме нештата кои ни го прават животот вреден за живеење, а болеста ќе има малку или никакви шанси да нѐ допре.
Смислата на свадбата е љубовта. Ако се обединиме околу неа, нема нешто што е невозможно.
За да сме живи здрави и на број (па и побројни!), да имаме свадби со сите салтанати, да си помогнеме.
И да успееме и да не успееме, ќа нѐ пишит и ќа нѐ кажувает.
Си ја зноеме работата! Свети Петар напомош!